Нуркачи ќе го чистат дното на Охридското Езеро од цврст отпад
Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид овој викенд ќе ја спроведе еколошката акција „Охрид ЕКО 2025“, насочена кон чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад.
Во сабота, десетици нуркачи од Македонија и регионот ќе се вклучат во расчистување на езерското дно на неколку локации – Градското пристаниште, Љубаништа, Заливот на коските, автокампот „Градиште“ и Калишта. Ќе се отстранува пластика, метал и друг вид отпад кој е насобран под водата.
Како што информираат од Нуркачкиот центар, акцијата која се реализира по четврти пат, има за цел да го заштити биодиверзитетот, да ја подигне еколошката свест кај граѓаните и да придонесе за зачувување на природната убавина на езерото, особено во пресрет на туристичката сезона.