МакедонијаНајново

Швајцарската дијаспора се обедини во Македонски национален совет 

Во организација на Македонски национален совет, Швајцарија (претставничко тело на Македонците во Швајцарија), во недела на 4 мај во Тринген ќе се одржи голема конференција на сите македонски здруженија кои се активни во Швајцарската конфедерација.

На конференцијата ќе земат учество повеќе од 130 претставници од 40 здруженија, клубови, асоцијации, македонски училишта, како и трите македонски православни општини во Швајцарија.

Гости на состанокот ќе бидат претставници од две македонски државни институции и тоа: од Агенцијата за иселеништво присутни на состанокот ќе бидат директорот на Агенцијата, Горан Ангелов и Билјана Костова, раководител на сектор за одржување и унапредување на врски со иселениците и од Министерство за надворешни работи, присутни ќе бидат Боро Мирчевски, началник за дијаспора при МНР и Мелехат Муфтароска.

На конференцијата ќе се разговара за поцврсто обединување на швајцарската дијаспора во едно претставничко тело (Македонски Национален Совет), за можностите за соработка помеѓу здруженијата, предлози за реализирање на заеднички проекти, договарање на годишна агенда на настани, основање на Солидарен фонд за Македонија, решавање на проблемот со Македонската амбасада во Берн и петицијата иницирана од МНС, поголема соработка со македонските и со швајцарските институции и слично …

Претставниците на македонските институции ќе имаат единствена можност на едно место да се запознаат со сите македонски асоцијации во Швајцарија и пред нивните претставници да ги изнесат своите видувања за соработка со нас како дијаспора, да се запознаат со проблемите на дијаспората, како и да изнесат свои предлози и стратегии за продлабочување на соработката.

На 4 мај гостите од Агенцијата за иселеништво и од МНР ќе присуствуваат на утринската литургија во македонската црква „Св. Наум Охридски“ во Тринген.

Ова е единствен настан од ваков тип досега во Швајцарија, како по големина така и по значење, за што доказ е огромниот интерес и поддршка од македонските здруженија кои ќе учествуваат на него.

Затоа, Македонски национален совет очекува на оваа историска конференција, асоцијациите да донесат важни заклучоци и да добијат очекувана поддршка од македонските институции, за што дополнително ќе ве известиме, откако конференцијата ќе заврши.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons