Новоизбраните 28 јавни обвинители положија свечена изјава пред Советот на јавни обвинители
Новоизбраните 28 јавни обвинители од 8-мата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители денеска положија свечена изјава пред Советот на јавни обвинители. Претседателката на Советот, Душица Димитриеска, истакна дека, по првиот оглас за оваа генерација, не беа пополнети местата во осум јавни обвинителства.
„Ние ќе продолжиме со постапката. Во текот на денешниот ден ќе објавиме нови огласи за пополнување на овие јавно обвинителски места“, изјави Димитриеска. Таа нагласи дека во некои јавни обвинителства, како што се ОЈО Крива Паланка и ОЈО Ресен, веќе подолго време нема ниту еден јавен обвинител.
„Постои и недостиг на јавни обвинители во други обвинителства, што значително влијае на ефикасноста на нивното работење“, додаде таа.
Советот на јавни обвинители организираше и отворен ден за кандидатите, на кој беше образложена целокупната постапка и динамиката на процесот. Во февруари годинава, 97 кандидати од 8-мата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ добија уверенија за успешно завршена обука, од кои 50 се судии, а 47 јавни обвинители.
Советот објави оглас за избор на 47 јавни обвинители, а од вкупно пријавените 39 кандидати, еден имал неуредна документација, додека пет кандидати ги повлекле своите пријави. На седницата одржана на 7 март годинава, Советот донесе одлука за избор на 28 јавни обвинители: 15 во ОЈО Скопје, тројца во ОЈО Тетово, двајца во ОЈО Куманово, Прилеп и Штип, и по еден во ОЈО Битола, Гевгелија, Охрид и Струмица.
Ниту еден кандидат од 8-мата генерација не се пријави на огласот за избор во ОЈО Велес, ОЈО Гостивар, ОЈО Кочани, ОЈО Кичево, ОЈО Крива Паланка, ОЈО Радовиш, ОЈО Ресен и ОЈО Струга.