„Пари веднаш ќе ви бидат повлечени од сметка“: Познато е како ќе функционираат камерите во Скопје
Од следната година почнува казнување на сообраќајни прекршоци врз основа на снимките од уличните камери. Владата најавува построга контрола и зголемена безбедност.
Од следната година казни за сообраќајни прекршоци врз основа на камерите. Конечно е познат принципот. „Безбеден град“ догодина комплетно во функција. На почетокот ќе има период на адаптација од 6 месеци.
Преку камерите систем за автоматско санкционирање на прекршителите
Почнувајќи од следната година, казните за сообраќајни прекршоци ќе се изрекуваат врз основа на снимките од камерите поставени низ скопските улици, соопшти премиерот Христијан Мицкоски.
„Системот целосно ќе биде во функција догодина и очекуваме значително зголемување на безбедноста во сообраќајот, како и намалување на сообраќајните несреќи“, изјави Мицкоски на брифингот со новинарите во Клубот на пратениците во Скопје.
Фаза на едукација, потоа строги казни
Во првите шест месеци од имплементацијата, системот ќе функционира едукативно и информативно. По овој период, ќе започне строго казнување на сите прекршители.
„Секој што ќе направи прекршок ќе биде казнет, а паричната казна веднаш ќе му биде одземена од сметката“, нагласи премиерот.
22.000 сообраќајни прекршоци годишно во Скопје
Според податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР), годишно во главниот град се регистрираат околу 22.000 сообраќајни прекршоци. На прашањето зошто на улиците нема доволно сообраќајна полиција за спречување на дивеење, Мицкоски одговори дека ситуацијата ќе се промени.
„Ако има полиција, велите дека сме полициска држава. Ако ја нема, прашувате зошто ја нема. Но, еве, сега постојано ќе има полиција, затоа што мора да се стави крај на ваквите ситуации“, потенцираше премиерот.
Во Скопје одамна главна тема се камерите, а државата ги следи примерите на европските држави каде многу одамна функционира овој принцип.
Камерите на „Сејф сити“ наскоро ќе ги испорачаат првите казни
За потсетување кога се тестирал системот, на 20 отсто од камерите биле констатирани 2.000 прекршоци. Според Тошковски, со системот ќе завршат и ургенциите за укинување на казните.
Една од придобивките на Сејф сити е тоа што нема да има повеќе јави му се на Петре, на Трајче, на министерот, на главниот инспектор, на помошникот, на градоначалничката, туку едноставно компјутер ќе е. Нема кому да е јавите. Едноставно, ќе треба да му ѕвоните на компјутерот. Од таа страна нема да ви одговорат, посочи министерот во ноември претходната година.
Министерот тогаш рече и дека се потребни одредени законски измени за воспоставување на систем којшто ќе ги казнува оние кои управуваат моторно возило спротивно на закон, исклучувајќи го човечкиот фактор за одлуката дали треба или не треба да биде казнет.