Зеленски: Нашата победа е неизбежна (ВИДЕО)
Во своето ноќно обраќање до нацијата украинскиот претседател Володимир Зеленски кажа дека победата на Украина е неизбежна, но дека е невозможно да се предвиди кога војната ќе заврши.
„Многу градови и заедници се сè уште под привремена контрола на руската војска“, кажа Зеленски и додаде: „Но не се сомневам дека е само прашање на време кога ќе ја ослободиме земјата“.
Зеленски во своето видеообраќање го истакна фактот дека инвазијата, која почна на 24 февруари, тукушто влезе во третиот месец.
Кажа дека нема едноставен одговор на прашањето кога Украинците ќе ги победат Русите, додавајќи дека победата и мирот ќе дојдат побрзо ако секој Украинец се бори.
„Кога ќе победиме, сите ќе го почувствуваат тоа. Кога ќе дојде мирот, сите ќе го видат. Но за тоа да се случи, и да се случи побрзо, не треба да размислуваме кога и што ќе биде. Мораме секој ден да размислуваме за тоа како престојот на окупаторот во нашата земја да го направиме уште понеподнослив“, порача Зеленски.
„За Русија да бара мир, секој Украинец мора да се бори. Тие мора да ја бранат слободата. Бидејќи секој ден борба додава години мирен живот по оваа војна. По нашата победа“.