Божикна пештера на плоштадот „Македонија“ и Бадникови поворки во чест на Христовото раѓање
На плоштадот „Македонија“ денеска е поставена Божикна пештера – уметничко дело кое ги обединува традицијата, верата и уметноста. Пештерата, претставува автентична подготовка за празникот на Христовото раѓање е изработена по идеја на Ангел Мицевски, додека реализацијата е дело на познатиот вајар, Зоран Тошески. Помагатели на овој проект кој е вовед во манифестацијата „Божикни поворки” се градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и Претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
„Слава Му на Бога! Огромна е мојата чест што заедно со нашиот премиер Христијан Мицкоски, сме помагатели на овогодинешните Бадникови поворки и на најубавата и најимпозантна Божикна пештера во регионот! Од оваа вечер, сите посетители кои во текот на целиот месец ќе поминуваат на плоштадот Македонија, ќе имаат можност да уживаат во прекрасната глетка, но и да застанат, да се задлабочат и да размислуваат за тој Божиќен настан кој ја промени историјата на човештвото. Нека се среќни и бериќетни претстојните празници и нека мирот Христов, биде постојано во вашето срце, изјави Ѓорѓиевски.