МакедонијаНајново

Пријавуваат возачки дозволи за украдени, па ѝ ги даваат на полицијата кога ќе ги сопре 

Граѓани пријавуваат дека возачките дозволи им се загубени или украдени, но подоцна паѓаат во канџите на законот бидејќи кога полицијата ќе ги сопре при вообичаена контрола на пат – им ја даваат истата возачка дозвола што веќе ја пријавиле за украдена или изгубена, покажува архивата на Кривичниот суд. Ваквите случаи се бројат во десетици изминатите години во повеќе македонски градови.

Со оглед на тоа што станува збор за исправи кои со пријавувањето во МВР за изгубени и украдени, стануваат неважечки во правниот промет –  ваквите сторители се гонети и осудувани за кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“.

Не се работи само за манипулација со возачките дозволи кои биле издадени од страна на Министерството за внатрешни работи, туку злоупотреби и манипулации има и со возачки дозволи издадени во странски држави, бидејќи несовесните возачи мислат дека тие се потешки за проверка и дека ќе биде покомплицирано да бидат уловени.

Судските предмети покажуваат дека има злоупотреби со возачки дозволи на кои пишува дека се издадени во соседна Бугарија, а кои всушност се само лоши фалсификати кои воопшто не се издадени од бугарското Министерство за внатрешни работи. Таков е случајот во кој граѓанин од внатрешноста управувал возило со возачка дозвола на која пишувало дека е издадена во Република Бугарија и со неа се легитимирал пред полициски службеници при вообичаена контрола на патот. Освен возачката дозвола, на полицајците им дал на увид и бугарска лична карта.

Но, тој никогаш не полагал возачки испит ни во Македонија ни во Бугарија, ниту пак добил бугарска лична карта. Судот во случајот го осудил на парична казна од 100 дневни глоби, односно на 123 илјади денари.

Пријавуваат во МВР дека им е изгубена возачката, а при рутинска контрола ја покажуваат на полицијата

Сообраќајната полиција во земјава честопати се соочува и со несовесни возачи што претходно пријавиле дека нивната возачка дозвола им е украдена, но при рутинска контрола на патот – истата ја покажале на увид. Постои случај во судските списи, каде во Ресен во мај годинава, сообраќајната полиција заради рутинска сообраќајна контрола, му побарала на возач дозвола на увид, а тој им ја дал онаа што од МВР му била поништена откако самиот ја имал пријавено за изгубена уште во 2014 година. Логиката на овој возач била дека мора да ја покаже старата и лажно „изгубена“ возачка дозвола, зашто во новата што му важела до 2029 година – веќе му била впишана забрана за управување моторно возило „Б“ категорија. За него судот досудил парична казна од 50 дневни глоби, односно 30.750 денари.

И изминатите години не изостанувале чудни ситуации при вршењето на редовните контроли на магистралните патишта. Лица што веќе пријавувале во МВР дека возачките дозволи им се изгубени или украдени, при што давале изјави дека ако ги пронајдат ќе го пријават тоа на полицијата, се случувало „изгубените“ возачки дозволи да ги приложуваат на полицијата при редовни рутински проверки. Дел од казните за оваа работа биле условни осуди, бидејќи презентираните возачки дозволи биле веќе поништени во системот на Министерството за внатрешни работи.

Од исказите на полициските службеници судот утврдувал дека два месеци по добивањето на новата возачка дозвола, при вршење на редовна контрола од страна на сообраќајната полиција, обвинетиот бил застанат од страна на овие сведоци и истиот на нивно барање им презентирал возачка дозвола.

По извршената контрола во системот за евиденција на возачки дозволи констатирано било дека обвинетиот им презентирал возачка дозвола која била пријавена како изгубена и на која не била впишана изречена забрана за управување со мотoрно возило иако во системот постоел податок дека таква забрана му е изречена и истата е активна, се вели во една од пресудите што ги анализиравме.

Пријавил за изгубена возачка што бугарската полиција му ја одзела

Годинава во МВР граѓанин на земјава побарал вадење нова дупликат возачка дозвола и потпишал изјава дека ја загубил тековната. Но, судот утврдил дека не ја загубил, туку во Република Бугарија истата му била одземена од страна на полициските служби поради сторен сообраќаен прекршок. Тој бил осуден на парична казна од 100 дневни глоби односно 30.750 денари.

Друг граѓанин исто така пријавил дека возачката дозвола му е изгубена и извадил нова. Но, во новата имал забрана за управување со моторно возило за Б категорија во рок од 12 месеци. При излез од Македонија за Бугарија граѓанинот ја приложил на увид старата возачка дозвола што претходно ја пријавил за изгубена и осуден е на парична казна од 50 глоби.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons