Свет

Запрен судскиот процес против Трамп во кој е обвинет за обид да го поништи резултатот од изборите во 2020 година 

Кривичниот прогон против Доналд Трамп, кој беше обвинет за обид за поништување на резултатот од изборите во 2020 година, денеска беше прекинат откако обвинителството побара отфрлање на овој и друг случај против избраниот претседател, повикувајќи се на политиката на Министерството за правда која забранува кривично гонење на актуелен претседател.

Одлуката на окружната судијка Тања Чуткан стави крај на обидите на Министерството за правда да го обвини Трамп по неговите напори да остане на власт по поразот на изборите во 2020 година, што резултираше со упад во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година од толпа негови поддржувачи.

Случајот го објави специјалниот обвинител Џек Смит, кој одлучи да ги прекине процесите поврзани со обидите за обвинение против Трамп за поништување на резултатите од изборите и за незаконско чување доверливи материјали по завршувањето на неговиот прв претседателски мандат во 2021 година.

Обвинителите се повикуваат на политика на министерството кој датира од 1970-тите години. Според неа, кривичното гонење на актуелен претседател го нарушува Уставот на САД, поткопувајќи ја способноста на шефот на државата да ги извршува своите должности.

Сепак, судот сè уште треба формално да ги одобри двете барања на обвинителството. Во судскиот документ поднесен за случајот за обид за поништување на изборните резултати, обвинителите истакнаа дека политиката на Министерството бара прекин на случајот додека Трамп не ја напушти Белата куќа.

-Овој резултат не се базира на суштината на случајот или на јачината на доказите против обвинетиот, напишаа обвинителите во својата изјава.

Во случајот со доверливите документи, обвинителите наведоа дека тие имаат намера да се обратат до федералниот апелациски суд со барање да се продолжи случајот против двајца соработници на Трамп обвинети за попречување на истрагата.

-Американскиот народ го реизбра претседателот Трамп со убедлив мандат за реализација на идејата „Да ја направиме Америка повторно голема“. Денешната одлука на Министерството за правда ги запира неуставните федерални случаи против претседателот Трамп и претставува голема победа за владеењето на правото. Американскиот народ и претседателот Трамп бараат итен крај на политизацијата на нашиот правосуден систем и со нетрпение очекуваат обединување на нацијата, изјави Стивен Џенг, директор за комуникации на Трамп.

Во своја објава на социјалните мрежи, Трамп вчера ги критикуваше кривичните случаи поднесени против него, нарекувајќи ги „најниска точка во историјата на нашата земја“. Чуткан остави отворена можност обвинителите повторно да покренат обвиненија против Трамп по неговото заминување од функцијата, но тие веројатно ќе се соочат со тешкотии во врска со гонење долго време по наводните постапки.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons