Цената на златото нагло порасна, а се знае зошто
Цените на златото пораснаа втор ден по ред во вторникот, како одраз на зголемената побарувачка на инвеститорите за безбедното средство во услови на ескалација на тензиите меѓу САД и Русија околу Украина. Една унца злато на физичкиот пазар во вторникот по пладне се тргуваше по цена од 2.637 долари, што е највисока од 11 ноември и за еден процент повисока од вчерашното затворање на трговијата. За ист процент порасна цената на златото кај фјучерс договорите на американскиот пазар, на 2.641 долар за унца. Златото обично поскапува во време на геополитичка неизвесност и во средина на ниски каматни стапки, потсетува Ројтерс, пренесува Пословни дневник
Во понеделникот цената на златото порасна за два отсто, поттикната од вестите кои сигнализираа ескалација на руско-украинската војна и напнатоста во руско-американските односи. Во такви услови, цените на среброто на физичкиот пазар во вторникот пораснаа за 0,7 отсто на 31,38 долари. Слична процентуална добивка имаше и паладиумот, кој достигна цена од 1.010 долари. Во понеделникот неговата цена скокна за пет отсто. Платината, пак, благо падна за 0,2 отсто, на 965,52 долари. Златото беше поттикнато и од намалувањето на доларот од највисокото ниво во една година поради профитабилните продажби, забележува Ројтерс. Со послаб долар, златото е поевтино за купувачите со други валути.