Уставниот суд го укина Правилникот кој забрануваше молење на војниците
Уставниот суд денеска го укина Правилото за сместување и ред во Армијата на Република Македонија (АРМ) со кое се забранува вршење на верски обреди во воените објекти, донесено од началникот на Генералштабот на 16 јули 2012 година.
Анализирајќи ја иницијативата на подносителот, а повикувајќи се на соодветните законски и подзаконски прописи судот ги имал предвид и компаративните согледувања во однос на слободата на вероисповед во армијата повикувајќи се на Зборникот „Човековите права на припадниците на вооружените сили – Зборник на стандарди, добри пракси и препораки“ издаден од ОБСЕ, како и пристапот на Европскиот суд за човекови права по однос на ова прашање.
„Имено, согласно овие согледувања законите за вооружените сили, односно одбраната на една држава мора да бидат во согласност со меѓународните стандарди. Законите треба да бидат јасни, прецизни и недискриминирачки, како и да спречат злоупотреба на дискреционите права. Сразмерноста на ограничувањата зависат и од причините за ограничувањата. Европскиот суд за човековите права често дава на државите широки дискрециони права во случаите за ограничувањата на припадниците – персоналот на служба во Армијата. Овие широки дискрециони права се воспоставени поради државната безбедност на државите. Во државите каде вооружените сили се состојат од доброволци, професионални војници, лицата кои имаат приговор на совест вообичаено не се пријавуваат во војска“, сметат Уставниот суд.
Судот смета дека ограничувањето на вршење на верски обреди може да има легитимна оправданост за Армијата во која владее посебен ред и дисциплина, правила кои гарантираат кохезија, безбедност и професионална служба, но таквите ограничувања имаат основа и можат да се воведат само со законско решение, а не како што е случајот со Правилото донесено од началникот на Генералштабот на АРМ.
„Според Судот, оспорената одредба, со која началникот на Генералштабот вовел категорична забрана, е без уставен и законски основ, и истото е спротивно на општо прифатените меѓународни стандарди“, смета Уставниот суд.
Подносител на иницијативата за укинување на Правилото за сместување и ред во Армијата е Исамудин Османлиу, законски застапник на Здружението за развој „Млади за јавен интерес“ од Дебар.