На патарините во август наплатени рекордни 7.804.840 евра
Во август годинава на патарините наплатени се 7.804.840 евра што претставува рекордна месечна наплата.
Споредено со истиот месец минатата година наплатени се 241.329 евра повеќе, информира директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски, кој денеска го посети Оперативниот центар во Петровец, соопшти прес-службата на ЈПДП.
Оперативниот центар во Петровец претставува мултифункционална целина преку која се мониторира работењето на сите наплатни станици и сите активности поврзани со наплатата на патарина.
-За негово успешно функционирање потребно беше да се направи доекипирање во делот на контролата и во делот на електронската наплата затоа што имаше недостаток на кадар во таканаречениот Контролен центар кој 24/7 ја следи состојбата на наплатните станици во живо, преку лајв стрим, а во исто време се прави и контрола на работењето преку системот за видео надзор со прегледување на снимен видео материјал, информираат од ЈПДП.
– Имено, од страна на контролорите во Контролниот центар евидентирани се над 500.000 возила кои поминале на наплатните станици без да извршат плаќање. За таа цел, во план е организирање и на контроли на отворен пат во соработка со Министерството за внатрешни работи и Инспекторатот за транспорт и сообраќај.
Од почеток на годинава, за периодот јануари-август годинава остварен е вкупен промет од наплата на патарина, надополнување, продажба на уреди и наплата од поминувања од Опен Балкан во висина од 45.079.748 евра.
Од почетокот на електронската наплата, пак, од 3 јули 2019 до 1. месецов продадени се 33.620 Мтаг уреди и 195.825 МСмарт картички, или вкупно 229.455 електронски уреди.