Македонците во Албанија не ги признаваат резултатите од пописот
Прелиминарните резултати од Пописот одржан во Република Албанија во 2023 година не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата, реагираше Министерството за надворешни работи и најави дека ќе го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес. Остри реакции стигнаа и од најстарата македонска организација во Албанија “Друштво Преспа”, Македонското друштво „Илинден“-Тирана, како и Партија на слободата за Мала Преспа, кои обвинија за груб пописен фалсификат.
Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, вчера соопшти дека со сериозна загриженост ги нотира објавените прелиминарни резултати од Пописот одржан во Република Албанија во 2023 година и остро реагира на употребата на терминот „северномакедонци“ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница.
-Техничките нерегуларности во начинот на реализација на истиот, на кои континуирано укажуваа македонските здруженија во Република Албанија во пресрет на Пописот, но и во текот на неговата реализација резултираа со објава на прелиминарни податоци кои што за жал не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата. Дополнително, Министерството изразува незадоволство и остро реагира на употребата на терминот „северномакедонци“ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница, стои во реакцијата на МНР.