Намален бројот на мигранти, но не и на обиди за влез во државата
Бројот на мигранти се намалува, но не и на обидите за криумчарење. Од почетокот на годината па заклучно со мај, полицијата регистрирала 1698 обиди за нелегален влез на македонска територија што е намалување за 50% во однос на лани кога за истиот период биле откриени 3349 лица кои се обиделе на илегален начин да влезат во државата.
Честите контроли и постојаното присуство на полицијата на терен, пред се на клучните точки се едни од главните причини поради кои мигрантите во последниот период ја заобиколуваат Македонија и бараат полесни рути за транзит преку други земји за да стасаат до западно европските држави.
Вообичаено најголемиот број на илегални мигранти се откриваат на подрачјето на Регионалниот центар Југ, односно на јужната граница.
Но, и покрај намалувањето на илегалните мигранти, криумчарите остануваат активни на терен. Ова го потврдува и полициската статистика според која обидите за криумчарење се речиси на исто ниво како и лани. Од јануари до мај полициските службеници откриле 16 такви случаи или еден повеќе во однос истиот период минатата година.
Во однос на земјата на потекло нема некои поголеми промени, тука и понатаму доминираат државјаните на Сирија, Пакистан и Авганистан.