Сериозно предупредување до родителите во Македонија: Постои тренд на самоповредување кај учениците
Психотерапевтите во државата велат дека родителите можат да забележат промена кај своето дете кое е подлежно на самоповредување, но мора да реагираат веднаш и да побараат помош од стручните лица.
„Ве информираме дека изминатиот период забележана е тенденција на физичко самоповредување кај повеќе ученици.“
Вакво предупредување добиле родителите во повеќе скопски основни училишта од наставниот кадар. Во него се вели дека е забележано сечење со жилети, ножеви од острилки, ножици, остри предмети и тоа најчесто се случувало на рацете и нозете, пренесува ТВ Сител.
Наставниот кадар ги предупредува родителите да им обрнат повеќе внимание и контрола на децата.
– Доколку забележите било каква промена што може да укажува на оваа појава ве молиме пријавете во училиште и бараме од вас како родители преку класните раководите да ни дозволите ненајавени проверки на учениците за навремено откривање и сузбивање на оваа појава бидејки состојбата е алармантна, се вели во предупредувањето.
Самоповредувањето не е изолирана појава само кај нас. Светските медиуми многу често известуваат за појава на трендови поради предизвици на социјалните платформи.
Поради ТикТок предизвик 17 ученици од Косово се самоповредиле во изминатиот период и го подигна алармот кај родителите за да ги натераат институциите да преземат поголема контрола врз социјалните мрежи кои ги користат децата.
Психотерапевтите во државата велат дека родителите можат да забележат промена кај своето дете кое е подлежно на самоповредување, но мора да реагираат веднаш и да побараат помош од стручните лица.
-Многу често здрава личнност без психолошки проблеми, без патологија не може да посегне веднаш по самоповредување или осакатување. Тоа најчесто има одредени услови коишто се исполнуваат во однос на тоа што ние ги водиме со одредени тестови. Тоа е симптом кој е доста загрижувачки, бидејќи тоа влегува на ниво на сиуцидалност. Мислам дека родителите, доколку се работи за таква појава уште претходно ќе забележат одредени промени во однесувањата, промени во социјализацијата, промени во односите кои ги имаат во семејството. Во тој момент мора да се реагира веднаш, брзо да се реагира, дури и да помислат дека можеби има таква работа, вели психотерапевтот, Фики Гаспар, пренесе Сител.
Стручните лица за секој пациент пристапуваат индивидуално, но проверуваат и дали е појава на тренд кај повеќе млади лица. Гаспар вели дека доколку станува збор за тренд треба да се реагира од повеќе аспекти, и тука најголемо влијание имаат родителите, образовните институции и стручните лица.
Меѓутоа, Гаспар предупредува дека поради технолошкиот развој, децата денеска растат во поинакво време кое бара многу повеќе внимание од родителите во однос на тоа каква содржина гледаат и како ја прифаќаат од социјалните мрежи.
– Треба да се следи и да се прави одредена контрола на тоа што го гледаат децата. Зашто, нели, тие ни се најчесто во нашите телефони. Лесни ни се за достап, сите деца сега имаат телефони што е нормално, ни требаат за комуникација. Знаат да бидат многу позитивни, но знаат да бидат искористени и за вакви моменти кадешто можат да наштетат на младите. Така што, обрнување внимание и контрола од страна на родителите што е тоа се гледа на нив, со што се занимаваат нивните деца и обавезно, доколку се препознае нешто од страна на возрасно лица, дали работи во училиште, дали е родител или работи со третман, доколку препознаат одредена опасност декаработите не изгледаат како што треба секако да се обратат на лица коешто ги работи овие работи за да може да се направи целосна проценка и да може да се влијае, вели Гаспар.
Во изминатите години на социјалните мрежи се појавуваат голем број предизвици. Дел од нив се забавни за младите, но имаше и такви кои го подигнаа алармот на светско ниво, како на пример предизвикот Син кит, после кој многу деца глобално си ги одзедоа животите.
Прилогот на Сител погледнете го во продолжение