АктуелноСвет

Реприза на трката од 2020 година: Бајден и Трамп ги обезбедија претседателските номинации 

Американскиот претседател Џозеф Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп официјално ја обезбедија претседателската номинација на Демократската и Републиканската партија, откако победија на прелиминарните избори во Џорџија, Мисисипи и државата Вашингтон, што значи дека повторно ќе се сретнат на претседателските избори во ноември.

На партиските избори Бајден освои повеќе од 1.968 делегати, што беше неопходно за формално да се обезбеди претседателската номинација на демократите, а Трамп потребните 1.215 за републиканската.

Кандидатурата на Џозеф Бајден ќе биде официјализирана на конвенцијата на Демократската партија во Чикаго во август, а на Трамп на конвенцијата во Милвоки во јули, пренесува Voice of America.

Според американскиот изборен процес, на кандидатите им се доделуваат делегати врз основа на резултатите од партиските избори во одделни држави. За да ја обезбеди номинацијата, кандидатот мора да има одреден број делегати кои потоа формално се изјаснуваат на партиските конвенции.

„Соочени сме со отрезнувачка реалност. Слободата и демократијата се загрозени овде во Америка како никогаш досега од Граѓанската војна. Доналд Трамп води кампања на незадоволство и одмазда што ја загрозува самата идеја за Америка. Верувам дека Американците ќе изберат да продолжат да се движат во иднината“, рече Бајден во изјавата по обезбедувањето на номинацијата.

Тој истакна и дека му е чест што ја добил втората претседателска номинација на демократите.

На собирот во Џорџија, Доналд Трамп ги повтори неоснованите тврдења дека изборите во 2020 година биле наместени и го критикуваше Бајден за неуспехот да го запре протокот на мигранти на границата со Мексико.

Прашањето за имиграцијата е централно во неговата кампања, како и други прашања важни за републиканците, како што се абортусот и испраќањето американски средства во странство.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons