12 во болница, 26 заразени со голема кашлица во Скопје
Бранот на голема кашлица најалармантен во Скопје. Центарот за јавно здравје досега потврди 26 случаи со пертусис во главниот град. Во клиниката Козле има 8 деца на болничко лекување и сите се во стабилна состојба. Само едно тримесечно бебе повремено добива кислородна поддршка, велат лекарите. Сите се невацинирани против пертусис а меѓу нив е и ученик во основно образование.
-Првите симптоми на оваа болест се многу слични на симптомите на настинка. Се појавуваат девет, десет дена по инфекцијата. Затоа апелот е сите дечиња кои имаат симптоми, кои имаат било каков респираторен инфект кој наликува на настинка да бидат лекувани во домашни услови под надзор на матичниот лекар и да не ги носат во колективи, вели д-р Мирјана Поповска, педијатар во Клиника Козле.
Освен во Козле, во детската клиника се уште на лекување се едно ипол месечното бебе и 4 годишното девојче со пертусис а двајца возрасни со голема кашлица има и на Клиниката за инфективни болести.
А ширењето на болеста и строгите услови за прием во градинка, причина и денеска да има гужви во вакциналните пунктови. Едни со децата кои пропуштиле да примат Ди те пер, други за редовна вакцинација но и нервозни родители кои чекаат потврди.
– Освен што имаме вакцинација на зголемен број на деца, имаме и административна работа да издаваме потврди за редовно вакцинирани и за оние кои се нередовно вакцинирани. Тоа бара малку повеќе работа и затоа бараме да имаат разбирање. Имаме инаку и случај каде родител бара потврда на дете со документација дека поради одредени здравствени причини не може да прима вакцини. Еве да кажеме, ние такви потврди не даваме, вели д-р Сања Цвејовска Младеновска – педијатар во вакцинален пункт во поликлиника Букурешт.
Од пунктовите ги упатуваат родителите за потврди дека детето од здравствени причини не може да прима вакцини да бараат на Детска клинка и Имунологија.
Инаку првиот случај на голема кашлица годинава беше регистриран на почетокот на јануари. Комисијата за заразни болести минатата недела препорача епидемија во главниот град, но досега Владата не заседаваше по нивните предлози.