Актуелно

По 30 дена притвор за четворицата осомничени за убиството на Вања Ѓорчевска

Прифатен предлогот на Обвинителството за продолжување на притворот за четворицата осомничени за убиството на Вања Ѓорчевска, кои синоќа беа изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје. На сите им е определен 30-дневен притвор, потврдуваат од Обвинителството.

Четворицата вчера беа спроведени од Истражниот затвор во Шутка во Основниот кривичен суд во Скопје пред судија на претходна постапка.

Тројца од нив се во притвор како осомничени за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, откако Судот го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје и им определи мерка краткотраен притвор од 48 часа, поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и сторување ново кривично дело.

Таткото на 14-годишното девојче е осомничен дека споделувал информации со другите осомничени за нејзиното излегување од дома.

Осомничени за нејзиното убиство, покрај таткото Александар Ѓорчевски, се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот, Љупчо Палевски – Палчо, кој е уапсен во Турција, откако за него беше донесена наредба за спроведување истрага и беше издадена меѓународна потерница.

ОЈО Скопје претходно денеска до судот поднесе и предлог за определување мерка краткотраен 48-часовен притвор и против 46-годишен скопјанец, под сомнение дека му помагал на Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, да избега во Турција, преку Бугарија и Србија.  

Малолетната Вања беше пронајдена мртва на 3 декември во близина на Скопје, по пријавата за нејзино исчезнување на 27 ноември годинава. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons