Македонија

Нема никаква потврда дека Вања Ѓорчевска (14) исчезнала пред „Силбо“ или пред „Броз“ изјави министерот на МВР, Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски нагласи дека интензивно се работи на расчистување на случајот на 14-годишното девојче В.Ѓ. од Скопје. 

Одговарајќи на пратеничко прашање на Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ, Спасовски во Собранието информира дека на 27 ноември во 11 часот во ПС за општа надлежност Центар од страна на таткото е пријавено дека истиот ден околу 7.27 часот неговата малолетна ќерка веќе излегла од станот на улица „Наум Наумовски – Борче“ и се упатила до ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“. 

„Тука е сочинет веднаш записникот од страна на Одделот за потраги и од полициските службеници веднаш бил распишан локален распис по стапување со излегување на лице место, пребарување на терен, извршен разговор со родителите на детето и започнуваат проверка на терен“, рече Спасовски. 

Министерот за внатрешни работи појасни дека прво е формиран еден штаб којшто работи исклучиво на оваа проблематика во СВР Скопје, односно во ПС Центар.

„Директно раководат и началникот на секторот и помошникот на началникот и тука веќе почнува целиот тој процес во којшто се пребаруваат и угостителски објекти, подрумски простории, камери, извадени се записи од над 50 камери, сите електронски уреди коишто ги користело лицето и биле во домот, се вештачат еден добар дел од материјалите што се внатре“, образложи Спасовски.

Апсолутно нема никаква потврда, како што рече, дека тоа се случило пред „Силбо“ или пред „Броз“.

„Значи не е така. Ниту има можност за таква потврда врз основа на она што е извадено од камери коишто ги имаме. Така во овој дел ќе преземеме и понатаму интензивни активности бидејќи на целата територија на Скопје веќе се преземени, не само на подрачјето на Центар, туку Карпош, Ѓорче Петров, Битпазар. Првично беа вклучени само Центар и Битпазар, првиот момент за тој дел, тој простор каде што е можно да се наоѓа девојчето да бидат пребарани“, рече Спасовски и нагласи дека во овој дел интензивно се работи за да може да се расчисти целиот овој случај.  

Спасовски информира дека пред почетокот на седницата имал работна средба во СВР Скопје по однос на тоа дали се прегледани сите камери и дали функционира системот „Safe city“.

„Имавме прес-конференција и во 10.40 часот ја информирав јавноста токму на прашање во делот на Safe city. Значи системот работи комплетно и сите податоци на системот се извадени и достапни во однос на овој случај како што ги работиме и за другите случаи коишто ја тангираат јавната безбедност“, потенцира Спасовски. 

Тој информира дека од 2020 година до денеска се работи на една оперативна акција која се однесува исклучиво на безбедноста на учениците.

„Не само на безбедност на учениците во училиштата, туку и патот до дома, сообраќајната безбедност… Значи на неделно ниво се прави акциска контрола на територијата на целата држава“, рече Спасовски. Додаде дека е вклучено утврдување на техничка исправност на сите возила со кои се врши пренос на ученици, просторот околу училиштата, угостителски објекти…

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons