Спорт

Три медали за каратистите на „Макпетрол“ на Балканското првенство во Љубљана 

Едно златно одличје и две бронзени освоија каратистите на „Макпетрол“ на Балканското првенство за кадети, јуниори и У-21 што неодамна се одржа во Љубљана, Словенија.

Витомир Трајковски се закити со златен медал во тежинската категорија -84 килограми, а Стефан Стојановиќ се пласира на третата позиција во +84 кг. Јована Мицовска, пак, со женскиот тим во борби освои бронза.

Каратистите на „Макпетрол“ ги освоија медалите во највозрасната категорија на помлади сениори (У21).

Трајковски во категоријата до 84 килограми во У-21 извојува пет убедливи победи, а во финалето славеше 3:1 против Михајло Василиќ од Србија. Ова е нов успех на членот на „Макпетрол“ по бронзениот медал што го освои на Светските игри на боречки спортови во Ријад, Саудиска Арабија, во конкуренција на Топ 8 спортисти. Тој е прворангиран и на Светската ранг листа на Светската карате федерација (WKF).

Стојановиќ (+84 кг) во борбата за бронзата славеше против Антон Баждариќ од Хрватска со 4:1, а во полуфиналето загуби минимално од Немања Јововиќ од Црна Гора со 1:2.

Македонија на најмасовното и најквалитетното регионално првенство настапи со 102 каратисти, односно 108 натпреварувачки влезови. На Балканското првенство настапија рекорден број од 1007 каратисти со 1078 натпреварувачки влезови од 13 држави.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons