Од денеска уште полесно до работа во Германија
Од денеска во Германија постепено почнува да важи новиот Закон за квалификувана имиграција, јави ДПА. На земјата итно и треба професионална работна сила, а политичарите, компаниите и експертите се согласни дека празнините на пазарот на трудот мора да се пополнат со помош на странски работници.
„Дојче веле“ јавува дека измените стапуваат на сила во три фази за да може властите навремено да се престројат на новите услови. Поопширни информации може да се добијат на порталот на сојузната влада за стручна работна сила од странство на германски, англиски, шпански и француски јазик.
Од овој момент многу академци и луѓе со споредливи квалификации од трети земји ќе може со Сината карта ЕУ да доаѓаат во Германија – без проверка на приоритет, односно дали би биле достапни Германци или граѓани на ЕУ за истата позиција, како и без докажување на познавања на јазикот.
Кој ги исполнува сите предуслови како стручна сила со професионално искуство или универзитетска диплома, сега има право на добивање дозвола за престој, додека до сега властите имаа дискреционо право. Освен тоа отпаѓа ограничувањето на дејност во струката.
Тоа значи дека на пример механичар може да работи и логистика. Исклучок се само регулирани професии во медицината, правото или педагогијата. И кај професионалните возачи се олеснува добивањето дозвола од Сојузната агенција за вработување. Се укинува проверката за приоритетни кандидати и предусловите за познавање на јазикот. Другите измени треба да стапат на сила на 01.03.2024 година.
Дополнително е регулирано привлекувањето на работна сила од Западен Балкан, односно Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија за кои неограничено важи т.н. „Правило за Западен Балкан”. Од јуни 2024 година годишниот контингент се удвојува на 50 илјади лица годишно.
Се работи за „модерен, најсовремен закон за миграција што нè прави лидери во глобалната конкуренција. Законот доцнеше, а смелите реформи беа занемарени предолго“, изјавил за ДПА Рем Алабали-Радован (Рим), федерален комесар за миграција, бегалци и интеграција.
Тој додал дека новиот закон ќе стапи на сила „пет до 12“.
Германија имаше Закон за квалификувана имиграција уште вo март 2020, со кој тогашната влада на Ангела Меркел сакаше да го олесни пристапот на квалификувани работници од земји надвор од Европската унија до германскиот пазар на труд. Сега тој закон е реформиран бидејќи на многу места сè уште има недостиг од кадри, особено квалификувани работници. Законот во претходната верзија не ги постигнал очекуваните резултати поради пандемијата.
Новина во новиот закон е воведувањето на таканаречената „Карта за шанса“, која е базирана на бодови. Критериумите за избор на имигранти кои сакаат да работат и ја избираат оваа опција се јазични вештини, работно искуство, возраст и поврзаност со Германија.
Странските стручни работници во иднина мора да заработуваат најмалку 43 800 евра бруто годишно, што досега изнесуваше 58 400 евра. Предноста на новиот закон за висококвалификувани професионалци од земји надвор од ЕУ е што во иднина со себе ќе можат да ги носат не само сопружниците и децата, туку и родителите.
Предуслов, сепак, е да имаат обезбедено средства за живот оти во Германија нема да можат да живеат од социјална помош.
Германските компании во моментов не можат да пополнат околу 1,73 милиони работни места и тие остануваат отворени, покажуваат податоците на Институтот за истражување на пазарите на трудот и професиите (ИАБ).
И секторите негa и занаетчиство се очајни за работници.
Сепак, Германското професионално здружение на негуватели не гледа решение за проблемот во новиот закон, затоа што недостигот од медицински сестри е проблем во целиот свет, и второ, општите услови за старателите во Германија не се атрактивни.