Неврологија доби апарат кој открива мултипла склероза пред да се појават симптомите, го побара здружение на пациенти, а го плати обложувалница
На барање на пациентите организирани во Националното здружение за мултипла склероза, Клиниката за неврологија доби апарат за електрофореза кој овозможува рано откривање на болеста.
Ана Карајанова-Димитрушева, претседателка на Здружението вели дека се ангажирале да се обезбеди овој апарат оти овозможува рана дијагностика на болеста, што пак може да доведе до ран третман на пациентите и заштита од прогресијата на болеста и настапување на инвалидност.
„Апаратот за електрофореза ќе овозможи брза и ефикасна дијагностика. Во дијагностицирањето човечкиот фактор ќе биде намален и ќе се добиваат поверодостојни резултати. Рано ќе може да се согледа болеста за пациентите да бидат ставени на соодветен третман, а со тоа ќе се овозможи да се заштитат од прогресијата на болеста и настапување на иреверзибилен инвалидитет. Ова е болест на млада, работоспособна популација. Најчесто се дијагностицира на 20 до 40 годишна возраст. Благодарност најмногу треба да упатам до компанијата ‘Моцарт’ која што ги согледа нашите потреби, на лицата со МС и одвои значителна сума средства за набавка на овој апарат за електрофореза“, рече претседателката Карајанова-Димитрушева.