Актуелно

МНР ќе плати 960 илјади евра за изнајмување на возила наменети за Самитот на ОБСЕ 

Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи на денешниот брифинг соопшти дека организацијата на завршниот самит на ОБСЕ во Скопје ќе чини помеѓу пет и осум милиони евра, а речиси целата сума ќе ја плати Македонија како претседавач.

Во подготовка на самитот, како што соопшти Османи, учествуваат над 200 луѓе од МНР, ќе учествуваат 76 делегации од земји членки и партнери на ОБСЕ, а се очекуваат околу 1.000 членови на делегациите. Ќе биде обезбеден и чартер лет од Брисел за Скопје, а некои делегации ќе дојдат со свои авиони. Проценките се дека за организација на конференцијата на ОБСЕ, Македонија ќе издвои пет милиони евра.

Како што соопшти Османи, МНР ќе плати 960 илјади евра за изнајмување на возила наменети за министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ.

Договорот е склучен со компанијата „АБЦ Рент а кар ДООЕЛ Скопје“, како единствен понудувач на огласот, па оттаму треба да изнајмат 175 возила, меѓу кои се 35 ВИП возила задолжително во црна боја, 70 автомбили од средна класа, 25 треба да бидат миниван, 25 минибуси и 10 автобуси.

– Јас реков дека сите стандарди на ОБСЕ треба да се запазат, па дури и тип на возило, марка на возило, простор, број итн. Договорот што го постигнавме со рент а кар агенцијата е рамковен договор како резервен план, бидејќи ние мораме, согласно стандардите на ОБСЕ, да имаме обезбедено возила за секој министер, за секоја делегација од денот кога доаѓаат до денот кога заминуваат. Договорот е направен рамковен, што значи дека е утврдена цена по возило и по ден. И во договорот јасно стои дека министерството нема обврска да ги користи сите возила, односно толку колку што има потреба откако ќе ги исцрпиме сите домашни ресурси. Остатокот за кој ние ќе немаме возила, ќе имаме од каде да обезбедиме возила. Ние мора тоа да го направиме и да сме покриени. Ние се јавивме кај сите агенции за да го опипаме пулсот на пазарот, но на крај се јави само една агенција. Зошто е тоа така ќе треба да прашате дали останатите го имале потребниот број на возила со такви спецификации и димензии или пак немале интерес, но тоа не е прашање за нас, рече Османи.

Тој истакна дека суштински ова е најголем настан, зашто ОБСЕ првпат е во егзистенцијална криза како организација која од 1975 е основана со мисија да ги чува мирот и безбедноста и да менаџира конфликти. Во криза е, додаде тој, зашто на ниско ниво е довербата на земјите членки по агресијата врз Украина.

-Првпат нема претседавач за 2024, а треба две години однапред да се одреди. Поделени се земјите по ова прашање, рече Османи и очекува одлуката да се донесе токму во Скопје. Исто така, организацијата се соочува и со проблемот дека не е одобрен буџет на ОБСЕ.

Одлуката за иднина на ОБСЕ , како што рече, очекува да биде токму во оваа сала и дека собирот е можност за дијалог на министрите на најголемите земји во светот да комуницираат за прашања за регионот на ОБСЕ. Скопје, рече, ќе биде центар на светот.

Водич на ОБСЕ е подготвен за организација на настанот, МНР една и пол година се подготвува.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons