Свет

Суспендиран израелскиот министер по својата изјава за Појасот Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска го суспендираше министерот Амихаи Елијаху од состаноците на владата на неопределен период бидејќи зборувал за можноста од нуклеарен напад врз Газа, соопшти кабинетот на премиерот.

Елијаху претходно денеска ја изнесе идејата за нуклеарен напад врз Газа, која подоцна ја отфрли како „метафорична“ забелешка, објави Тајмс оф Израел.

Елијаху, министер од екстремно десничарската партија Окма Јехудит, рече дека нуклеарен напад врз Газа е опција. Запрашан во интервју за Радио Кол Берама дали треба да се фрли атомска бомба врз Газа, Елијаху рече дека тоа е една од можностите.

За време на интервјуто, Елијаху, исто така, изрази противење да се дозволи каква било хуманитарна помош за Газа, велејќи дека во енклавата нема цивили кои не се вклучени во конфликтот.

Елијаху го поддржува повторното заземање на територијата на Појасот Газа и обновата на тамошните населби. Тој изјави дека северниот дел на Газа нема право да постои и дека секој што вее знаме на Палестина или на Хамас не треба, како што рече, „да продолжи да живее на лицето на земјата“.

Елијаху подоцна изјави дека неговата забелешка за нуклеарниот напад врз Газа била „метафорична“.

Тој на платформата Х напиша дека „на секој со мозок му е јасно дека забелешката за атомската бомба била метафорична“. Елијаху додаде дека Израел навистина мора да покаже, како што рече, „силен и непропорционален одговор на теророт, што ќе им стави до знаење на нацистите и нивните поддржувачи дека тероризмот не вреди за да се вложи труд“.

„Ова е единствената формула со која демократиите можат да се борат против теророт“, изјави Елијаху.

Тој истакна дека истовремено е јасно дека државата Израел е должна да направи се за да ги врати живи и здрави заложниците на Хамас.

„Изјавите на министерот Амихаи Елијаху не се засноваат на реалноста. Израел и ИДФ постапуваат во согласност со највисоките стандарди на меѓународното право за да не ѝм наштетат на невините. Така ќе продолжиме додека не победиме“, објави Нетанјаху.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons