Макрон го посети Казахстан и договори големи бизнис зделки
Франција и Казахстан ќе ја интензивираат соработката.
Се случи „историска“ посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Казахстан, наспроти неодобрувањето на Москва.
Казахстан веќе се појави како алтернативен снабдувач со сурова нафта за европските држави кои ги прекинаа руските испораки. Таа е важна алка во новата кинеско-европска трговска рута која ја заобиколува Русија.
На средбата со казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев, Макрон ја пофали Астана што одби да застане на страната на Москва за украинското прашање. Францускиот претседател најави дека Франција и Казахстан имаат намера да потпишат големи деловни зделки.
„Ќе можеме да постигнеме напредок за важни меѓународни прашања и да ја нагласиме нашата посветеност на повелбата и принципите на Обединетите нации како што се територијалниот интегритет и националниот суверенитет“, рече тој.
Русија е загрижена поради зголемените дипломатски активности на Западот во поранешните советски земји. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров неодамна изјави дека Западот се обидува да ги одвлече руските „соседи, пријатели и сојузници“ од Москва.
Русија лани споменуваше можна „гасна унија“ со Казахстан и Узбекистан.
Казахстан бара брзо формирање на канцеларија на Европската инвестициска банка во Астана. Поради руската инвазија на Украина, Русија е под санкции. Војната трае повеќе од 600 дена.
foto EPA