Македонски државјанин убил белгијка за да не ѝ ги врати позајмените пари, македонското обвинителство обезбеди докази
Македонското обвинителство помогна да се обезбедат докази за убиство на жена во Белгија, соопшти Јавното обвинителство. Истрагата на белгиското обвинителство почна на 21 март кога беше најдено безживотно тело на 64-годишна жена во холандското село Ковехт во Холандија, кое што се наоѓа веднаш до границата со Белгија, а потоа било утврдено дека станува збор за убиена жена од белгискиот град Остенде.
Како што објавија белгиските медиуми во јули, осомничен за убиството бил 33-годишник од Македонија. Тој се запознал со жената во воз и се спријателиле. Таа потоа му позајмила пари, но кога тој не ѝ ги вратил, се заканила дека ќе го пријави во полицијата.
За да го спречи тоа, тој ја убил жената и го фрлил нејзиното тело преку границата во Холандија. Потоа се обидел да се врати во Македонија, но бил уапсен на аеродромот во Диселдорф, Германија, и на почетокот на мај екстрадиран во Белгија. По распитот во полиција во Белгија, тој го признал убиството.
Денеска, македонското обвинителство објави дека инволвиран во убиството е уште еден македонски државјанин.
„Како дел од истрагата за вклученост на вториот македонски државјанин, белгискиот истражен судија побара од Основното јавно обвинителство Скопје да преземе повеќе истражни дејствија. Врз основа на обезбедени наредби од Основниот кривичен суд Скопје, беа извршени и претреси на две локации во Скопје. Јавен обвинител и истражниот центар на скопското обвинителство, како и повеќемина припадници на Министерството за внатрешни работи ги реализираа сите активности согласно барањето за меѓународна правна помош“, соопшти Јавното обвинителство