Израел во текот на ноќта со тенкови влезе во Газа: Нападнавме терористички ќелии (ВИДЕО)
Израелските копнени сили извршија релативно голем упад во Појасот Газа во текот на ноќта, јавува Ројтерс повикувајќи се на израелско воено радио. Операцијата имала за цел да ги нападне позициите на Хамас, соопштено е на радиото, и наводно била поголема од претходните копнени напади.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) го потврдија нападот во северниот дел на Газа и изјавија дека се работи за подготовка за следните фази од борбата. „Тенкови и пешадија на ИДФ нападнаа бројни терористички ќелии, инфраструктура и бази од кои се лансираат противтенковски ракети. Војската се врати на израелска територија по нападот“, објави ИДФ на социјалните мрежи и прикачи видео од копнената операција.
Военото видео покажува оклопни воени возила како ја преминуваат песочната гранична зона, булдожер кој израмнува дел од насипот, тенкови кои пукаат гранати и експлозии во близина или среде оштетени згради.
Израел почна со прецизно одредени упади во Појасот Газа во неделата, откако војната, која започна со масакрот на Хамас на 7 октомври, влезе во третата недела. Ова е досега најголемиот упад на израелските сили во палестинската енклава. Хамас сѐ уште не ја коментирал последната израелска воена акција.