Возачи од ЈСП со порака до директорот: „Заминавме“, затворената врата од Македонија ни ја отвори Европа
„Заминавме“, пишува кратко во својот пост на Фејсбук еден од возачите на ЈСП „Скопје“ кои вчера со организиран превоз тргнаа за Кршко, Словенија, пишува „Плусинфо“.
Како што пишува порталот тие веќе денеска ќе треба да полагаат за „КОД95“, дозвола која им овозможува да возат во земјите од Европската Унија, поточно во Германија каде точно 168 возачи имаат договор за работа со тамошна компанија.
Откако викендов ги завршија обуките со предавачот Далибор Млаѓеновиќ од компанијата „КОДА95“, 37 возачи штом ќе пристигнат веднаш ќе почнат да полагаат за возење автобус. Полагањето ќе трае околу час и половина. Во сабота тие би требало да го полагаат писмениот дел по што ќе се вратат во Македонија. Тие што ќе положат ќе можат да поднесат за работна виза во германската амбасада во Скопје.
Дел од возачите, кои сè уште сакаат да бидат анонимни, посочија дека имале големи проблеми со раководството на ЈСП „Скопје“, бидејќи како што велат не им било дозволено да земат слободни денови, но дека сега очекуваат отворена врата и подобар живот со стандардот на ЕУ.