По две години, од декември повторно евтина струја и денски
Евтината тарифа почнува со примена од 1 декември од 13 до 15 часот и во првите десет дена од декември повеќето од домаќинствата ќе имаат пристап до неа, објави првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Тој рече дека евтината тарифа ќе биде одлична вест за граѓаните, особено за пензионерите, кои велат дека многу им помага во нивниот стандард.
Бислимоски, одговарајќи на прашањата на новинарите, уверуваше дека евтината тарифа ќе почне беспрекорно бидејќи сè што досега РКЕ кажала – било реализирано.
Претходно, „Електродистрибуција“ информира дека евтината тарифа во декември ќе им биде достапна на домаќинствата што имаат дигитални броила и на оние што ќе дозволат нагодување за новата тарифа.
Според информациите, дигитални броила имаат околу 200.000 корисници и тие компјутерски ќе бидат нагодени и автоматски ќе ја користат евтината тарифа од 1 декември, а другите тогаш ќе почнат да се нагодуваат и се очекува тоа да се заврши до крајот на месецот.
„Ги замолувам сите граѓани броилата да бидат достапни да може нашите читачи да ги прочитаат бидејќи во текот на читањето се прави нагодувањето на броилата. Сите оние што ќе бидат достапни во текот на декември, ќе бидат нагодени“, рече пред еден месец директорот на „Електодистрибуција“, Сашо Салтировски.
Евтината струја преку ден беше укината од 1 јануари 2022 година кога беа воведени блок-тарифите.