Oд денес 30 денари за леб, 62 за 10 јајца, 62 денари за млеко, 22 за кисело млеко…
Бел леб за 30 денари, 10 јајца за 62 денари, кисело млеко по цена од 22 денари, обично млеко за 62 денари, 65 денари за јогурт, макарони по цена од 26 денари… Ова се дел од цените што утрово ги дочекаа граѓаните на рафтовите во маркетите, а кои следат по вчерашната одлука на Владата. Намалување има на млечните производи, на тестенините, лебот, сувомесните производи…
Цените на јогуртот во дел од маркетите во кои редакцијата на МКД.мк направи обиколка се движат од 65 до 105 денари, киселото млеко во зависност од производителот од денес се продава по цена од 22 денари па нагоре, а обичното млеко во тетрапак од денес може да се купи по цена која почнува од 62 денари.
Видно намалување има и кај јајцата кои од денес се продаваат по цена од 62 денари за 10 јајца, односно 107 денари за 15 јајца. Поевтинија и дел од сувомесните производи, односно денес салама во мало црево може да се најде по цена од 62 па до 233 денари, во зависност од грамажата и производителот.
Нови цени има и кај лебот и тестенините. На пример белиот леб на кришки од жито лукс од денес се продава по 30 денари, а пакетче макарони има по цена која почнува од 26 денари, па до 53 денари, а 21 денар е цената на дел од шпагетите.
На новите цени во дел од маркетите пишува „гарантирана цена“, а во делно се разликуваат од останатите цени во маркетот по тоа што се обележани со бела картонска ознака.
Граѓаните утрово уште од влез во маркетите прашуваа дали има пониски цени, а имаше и такви што детално разгледуваа од производ на производ и правеа споредби со вчерашните цени.
Полни раце работа имаа шефовите на смена во маркетите кои освен што детално се грижеа за намалувањето од 10 проценти на производите кои вчера беа ставени на листата за намалување, требаше да им објаснуваат и на љубопитните граѓани кое колку поевтинило.
Од денес, па до 30 ноември годинава, 25 категории на производи, односно стотици прехранбени производи, ќе имаат за најмалку 10 отсто пониски цени отколку што имале на 1 август годинава. Тоа го овозможи Одлуката за определување на највисоките цени во трговијата на мало што вчера на седница ја донесе Владата, а за овие производи трговците ќе имаат обврска да ги обележат со натписот „гарантирана цена“.
Како што најави вчера министерот за економија Крешник Бектеши, листата на производи која е утврдена вчера ќе стапи во сила по објавувањето во Службен весник и ќе биде обврска за сите трговци на мало.
Листата во наредниот период најверојатно ќе се проширува, а со моменталната листа, посочи, целокупната инфлација во делот на храната би паднала за 4 до 5 отсто. Бектеши повтори дека очекува инфлацијата во делот на храната која моментално е 10 отсто до крајот на годинава да падне на 5 отсто.
Пред неколку месеци во земјава килограм леб се продаваше по цена од 50 денари па нагоре, млекото беше над 100 денари, а исто и јајцата.