Пациентката на Инфективна е во стабилна состојба, нема нови случаи со конго кримска треска
Нема влошување на состојбата кај болничарката од Инфективна заразена со конго кримска хеморагична треска, откако вчера почна да прима рибавирин. Лекарите велат дека 48 годишната жена е со стабилни параметри а антивирусниот лек има намена да спречи прогесија на болеста.
Од Клиниката велат дека терапијата помогнала да не дојде до пообилно крварење кое е карактеристично за оваа дијагноза.
Надлежните терапијата ја набавија по појавата на првиот случај во соработка со СЗО. По критиките од јавноста дали можеле да ја спасат жената од штипско ако лекот бил обезбеден порано, инфектолозите категорични дека кај неа потврдата за вирусот и смртта настапиле за неколку часа и била многу критична, а рибавирин ниедна земја не чувала во резерви.
Инаку, заклучно со вчерашниот ден заврши здравствениот надзор на 28 лица кои биле во контакт со починатата жена од Штипско.
Обврска да комуницираат секојдневно со епидемиолог имаат уште 11 контакти од заразената болничарка, меѓу кои 10 се од потесното семејство. Тие уште една недела ќе бидат под надзор со следење на нивната состојба и со препорака да седат дома.
27 годишната жена почина на 27 јули по убод од заразен крлеж. Смртни случаи од конго кримска хеморагична треска во земјата имало пред 42 години когас починале двајца пациенти.
Болеста е смртоносна во над 40 посто од случаите и има брза прогресија.