Свет

Курти: Повлекување на дел од полицајците и избори по летото

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека договорот меѓу Косово и Европската Унија, за точките кои имаат за цел да ја деескалираат ситуацијата на северот на земјата, „ќе помогне да се зајакне фокусот и да се воспостави еднаквост меѓу страните“. Набројувајќи ги точките договорени во Братислава, меѓу Бесник Бислими и Мирослав Лајчак, Курти рече дека овој договор има за цел да помогне за целосно спроведување на Охридскиот договор.

„Владата на Косово јавно ја соопштува својата подготвеност да работи на деескалација на ситуацијата и да не презема чекори кои би можеле да ја ескалираат ситуацијата на северот на нашата земја. Тоа значи и итно намалување на 1/4 од полициските службеници кои се во општинските згради или во нивна близина. Така, 25 отсто од полицајците ќе бидат преместени на други места во тие општини и ќе си ја продолжат својата работа онаму каде што им е најпотребно, бидејќи сметаме дека во близина на општинските згради ситуацијата е релативно помирна веќе две недели“, рече Курти.

Курти рече дека предвремените избори во општините на северот на Косово ќе се одржат по летната сезона и тие ќе бидат спроведени во согласност со домашните закони.

„Владата на Косово ќе даде јавна изјава за поддршка на одржување на предвремени избори во тие општини. Тоа ќе се случи по завршувањето на летната сезона и секако со целосно почитување на законската рамка. Но, за да се постигне ова, неопходно е да се создаде средина што овозможува вистинска кампања, политички плурализам, учество на локалните заедници и што гарантира неповредливост на гласот. Не можеме да правиме компромиси со владеењето на правото бидејќи тоа сериозно би ја поткопало демократијата“, вели Курти.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека одлуката на Владата на Косово да го намали полициското присуство ќе биде причина да се обвини Србија.

„Сега ќе видите уште еден трик што некои луѓе од Запад се обидуваат да го спроведат. А тоа значи дека ќе речат – вратете се и зборувајте нормално. Деескалација е кога ќе се повлечат 25 проценти од нешто? Господ знае што значи ова, но тие бараат причина да ја обвинат Србија“, рече Вучиќ.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен ги повика Косово и Србија да го спроведат планот за деескалација на ситуацијата на северот на Косово.

„Постои многу јасен и посветен план за деескалација, на кој работеа двете страни претходно оваа година. Ова е апсолутно важно за да се оди напред на мирен начин. И јасно е дека двете страни треба да го исполнат договореното“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на ЕК.

Европската Унија потврди дека Косово се согласило да го намали присуството на полицијата во и околу општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток – општини со мнозинско српско население во северно Косово – и дека Косово ќе го поддржи одржувањето на нови избори во четирите северни општини, како дел од чекорите за смирување на ситуацијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons