По дојавите за бомби во училиштата, од денеска нови насоки за безбедноста на учениците и наставата
И во текот на вчерашниот ден повеќе средни и основни училишта во Скопје добија дојави за бомби, за кои МВР подоцна соопшти дека по извршените проверки сите биле лажни. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека очекува Владата во најбрз можен рок да ги дискутира новите проблеми кои произлегоа од дојавите за бомби. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, рече дека интензивно работат со МОН и веќе се направени одредени усогласувања, бидејќи, како што посочи, сите треба заеднички да постапуваат за да се дојде до решение во кое учениците ќе бидат безбедни и безбедно ќе се одвива наставниот процес.
Шаќири кажа дека во средата најголем број училишта што добиле заканувачки пораки за поставени бомби, некои од нив првпат добиле дојава и не биле подготвени да ја спроведат препораката од МОН за онлајн-настава.
-Зачера беше првиот ден по првите препораки што ги добија училиштата само во Скопје. Повеќе од 90 отсто од проблемите се само во Скопје. По тие препораки вчера беше првиот ден кога ги видовме проблемите во изведување на онлајн-наставата и проблемите што произлегоа за родителите. Некои од училиштата не очекуваа и во претходниот период немаа дојави за бомби. Училиштата што ги добија препораките во петок и кои пристапија со лозинките во системот тие вчера немаа проблем. Некои од училиштата што вчера првпат добија дојава за бомба, за половина до еден час ги надминаа проблемите, изјави Шаќири и додаде дека МОН е против онлајн-настава но одлуката ја донеле по препораките за безбедност.
Рече дека очекува во најбрз можен рок Владата да ги дискутира сите проблеми што произлегоа – во целодневната настава, проблемите што ги имаат родителите што се вработени за да може, како што рече, да се најде нов предлог за решение по препорака на надлежни институции, со оглед на тоа што се зголемува бројот на училишта што добиваат дојави, а таргет сега се и основците покрај средношколците. Рече и дека ќе се анализира ситуацијата, ќе се земат искуствата од други земји и ќе се разгледува електронската комуникација.
Дали се размислува сите средни училишта да преминат на онлајн-настава, тој одговори дека „не е лесна одлука“ дали тоа да биде за средните во Скопје или во цела држава.
-Не брзаме да донесеме таква одлука, зашто таква одлука би требало да се донесе и за основните. Затоа што вчера и денеска има повеќе дојави за основни отколку за средни училишта. На почетокот не беа таргет основците, беа само средношколците, сега дојави има и во основните училишта што отвора нов проблем, рече Шаќири одговарајќи на новинарски прашања по состанок на Управниот комитет на Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа (SEEIIST).