За можно враќање на дневната евтина струја ќе се чека јуни
Сè поизвесно е дека од следново лето за домаќинствата ќе се врати евтината дневна тарифа. Падот на цените на берзите за струја, намалената побарувачка, но и зголеменото производство на енергија од домашните капацитети се доволна причина повторно граѓаните да имаат можност да користат евтина струја од 2 до 4 часот попладне. Во интервју за Економски магазин на Алсат министерот за економија Крешник Бектеши рече дека не сака уште отсега да ветува, но има позитивни сигнали.
„Простор моментално има, но имајќи ги во превид случувањата во енергетскиот дел треба да чекаме до крајот на мај за да ги имаме податоците за првите пет месеци, па после шестиот месец да се направи калкулација во однос на зголемување на цената на електричната енергија. Тоа нема да се случи, но дополнително сакаме да дадеме простор на граѓаните, а особено на пензионерите кои тоа време се дома или невработените да ја користат евтината електрична енергија“,рече Крешник Бектеши Министер за економија.
Сепак, Бектеши вели дека крајниот збор ќе го има Регулаторната комисија за енергетика. Кога ќе се објави новата цена на струјата за корисниците на регулираниот пазар за вторите шест месеци, тогаш би требало да се донесе решение и за враќањето на евтината дневна тарифа.
„Воведувањето на евтината тарифа значи намалување на 5 отсто во вкупната цена на потрошувачката на домаќинствата. Тоа го гледаме во пакет со промените на цените на струјата. Ако се зголеми ДДВ од 10 на 15 отсто, тоа ќе значи поголем приход во буџетот“, велат од Регулаторна комисија за енергетика.
Минатата година дневната евтина тарифа беше укината со образложение дека тоа државата ја чини 15 милиони евра годишно, што во енергетска криза претставува голем трошок. Инаку, од први јануари ноќната евтина тарифа поскапе за 9%.