До кога ќе поскапуваат становите? Квадрат во Скопје стаса и до 2.200 евра
За цели 20,6 проценти се зголемиле цените на становите во последниот квартал од минатата година, соопшти Народната банка на Македонија. Ова е продолжување на трендот на поскапувањата забележан во текот на минатата година а што го покажуваат кварталните извештаи. Во третиот квартал растот бил 21,2 отсто, во вториот 16,5 отсто, а во првото тромесечие растот изнесувал 12,4 отсто, покажуваат податоците на Народната банка. Двоцифрен раст имаше и во последниот квартал од 2021 година, е претходно растот на цените беше едноцифрен и се движеше од 2 до 6 проценти.
Според податоците на агенциите за недвижности цените на становите се движат од 1.800 до 2.200 евра за квадратен метар во центарот и околу центарот на Скопје. Под 1.100 евра веќе и да нема станови на продажба
Градежниците објаснуваат дека растот на цените беше неизбежна последица на енормниот раст на цената на енергенсите и градежните материјали. Според последните сознанија, раст бележат и трошоците за комуналните такси за повеќе од 40 отсто и за купување на земјиште за градење.
Податоците на пописот покажуваат дека повеќе од една третина од вкупно попишаните 839.174 станови се празни. Во 531.987 станови се живее, а останатите 36,6 отсто или 307.187 станови се празни. Од скопските општини најмногу празни станови има Центар – 10.865 или над 40 проценти од вкупниот број, а најмалку празни станови има Чаир – 22,5 проценти од вкупно 17.771 стан.
Агенцијата за катастар на недвижности, во извештајот за минатата година нотира драстично зголемување во бројот на регистрирани купопродажби во споредба со истиот период лани. Односно, од јануари до март 2022 година се впишани вкупно 5.919 купопродажби, додека во истиот период лани 4.766.
извор: skopskoeho.mk