ЈУЛСКИ СМЕТКИ: Во четвртиот блок на екстремно скапа струја „загазиле“ 2.150 домаќинства 

Вкупно 2.150 домаќинства, според испорачаните сметки на ЕВН Хоме за наплата за месец јули, ги надминале трите блока во потрошувачката на електрична енергија од новововедениот тарифник кој стартуваше со примена на почетокот од минатиот месец и навлегле во четвртиот, кој се смета за екстремно скап и се наплаќа по потрошени 1.050 киловатчасови за секој нареден. Тоа се околу 0,3 проценти од вкупниот број на корисници, според базата на податоци на универзалниот снабдувач, но реално од таму очекуваат бројките да се поголеми затоа што календарски не e опфатен целиот месец.

„Фактор“ ги доби од ЕВН податоците за јулската пресметка на потрошена електрична енергија од страна на домаќинствата, односно колку киловатчасови изминатиот месец се потрошени од четвртиот блок на новиот тарифник. 

Бројките за месец август се очекува да бидат поголеми, бидејќи како што велат од ЕВН, јулските фактури за домаќинства се фактури кои не го опфаќаат цел месец јули поради ротирачкото отчитување на броилата , односно тие се комбинација од енергија потрошена дел во јуни и дел во јули. 

Во текот на јули фактурирани се 1,5 милиони киловатчасови во четвртиот блок, а ако се знае дека цената според новиот тарифник тука е многу поскапа во однос на првите три блока и чини 17,42 денари, тоа значи дека домаќинствата за нецелосен јули платиле околу 430.000 евра за надминување на „границата на толеранција на потрошувачката“.

За тоа дали евентуално постои штедење кај домаќинствата на потрошувачката на електрична енергија во однос на јули 2021 со воведувањето на блок-тарифите, од ЕВН велат дека не очекуваат големи отстапувања.

– Засега не може прецизно да се одговори на тоа прашање, бидејќи се уште не се готови билансите. Првичното гледање на дел од податоците кои не се целосни е дека нема значителна разлика во потрошувачката во јули, споредена со истиот месец минатата година, гласи одговорот од снабдувачот на електрична енергија.

Од 1 јули според новиот ценовник киловат час во првиот блок чини – 7,7 денари, во вториот 8,05 денари, во третиот 8,63 денари и во четвртиот блок цената за киловат е 17,42 денари.

Според претходните пресметки на Регулаторната комисија за енергетика, во летниот период во зависност од блоковите, 77,2 отсто од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6,7 проценти, додека 21,8 отсто ќе имаат зголемени сметки од 6,7% до 8,8%. Само 0,7 отсто од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8% до 11,3% и 0,2 проценти од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4% до 100%. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons