Јапонија: Северна Кореја истрела 8 балистички ракети, ова повеќе нема да го толерираме
Северна Кореја истрела осум балистички ракети со краток дострел во морето во близина на нејзиниот источен брег, еден ден откако Јужна Кореја и САД ги завршија заедничките воени вежби. За прв пат по повеќе од четири години на вежбите учествуваше и американски носач на авиони.
Јапонскиот министер за одбрана Нобуо Киши рече дека Северна Кореја истрелала повеќе проектили и дека тој чин „не може да се толерира“. На брифингот тој рече дека најмалку една ракета има променлива траекторија што укажува на тоа дека може да маневрира за да ја избегне ракетната одбрана.
Американската индо-пацифичка команда во соопштение рече дека повеќекратните лансирања на севернокорејските балистички ракети го истакнале дестабилизирачкиот ефект на нејзината програма за нелегално оружје, но дека настанот не претставува непосредна закана.
Во последните неколку недели Северна Кореја истрела серија проектили, вклучувајќи ја и нејзината најголема интерконтинентална балистичка ракета.
Американскиот специјален претставник Сунг Ким во петокот се состана со неговите колеги од Јужна Кореја и Јапонија во Сеул за да се подготви за „сите итни случаи“ по индициите дека Северна Кореја се подготвува да изврши нуклеарна проба за прв пат од 2017 година.
Вашингтон многу јасно му стави до знаење на Пјонгјанг дека е отворен за дипломатија, рече Ким за време на посетата, истакнувајќи дека е подготвен да разговара за прашања од интерес за Пјонгјанг како што е олеснување на санкциите.
Минатата недела САД побараа дополнителни санкции на ОН за Северна Кореја поради нејзиното лансирање балистички ракети, но Кина и Русија ставија вето на предлогот.