Штрајк на контролорите на летање поради партиски вработувања
На 12 октомври контролорите на летање вработени во МНАВ ќе одрат штрајк поради лошите услови за работа и наместените огласи. Од Синдикатот на контролори на летање велат дека поради стара техника, авиосообраќајот над небото на Македонија ова лето бил принудно намален.
Сепак, според нив главниот проблем е партиско-клиентелистичкото вработување на луѓе со несоодветно образование што доведува до превработеност. Во другите држави половина од вработените се контролори, кај нас од 308 вработени контролори се само 90, велат тие.
Од синдикатот велат дека преку ноќ портири и советници стануваат контролори на летање, се измислуваат работни места, како на пример помошници на контролорите на летање, кои треба допрва да се обучуваат од нула, а ние цело време бараме да се распише тендер за сертифицирана странска фирма која ќе направи финансиска и сеопфатна анализа за нормално функционирање на овој многу важен сегмент за меѓународниот авиосообраќај.
Синдикатот бара отсега сите огласи за вработување да не бидат пократки од 15 дена, затоа што имале огласи со рок за пријавување од само три дена.
Контролорите на летање бараат и нов систем за контрола на летовите, затоа што сега работат на систем од 1999 година. Наместо тоа, потрошени се 500 илјади евра за реновирање на стара гаража за службени возила, незадоволни се од Синдикатот на контролорите на летање.
Во почетокот на годинава Синдикатот на контролорите на летање успеа да го спречи обидот на раководството на МНАВ да го поништи конкурсот за избор на нови контролори. Раководството не беше задоволно со резултатите од конкурсот на кој не беа примени дел од нивните кандидати, пријавени деца на функционери од ДУИ.
„Од 2006 наваму, откако јас сум претседател, ние како Синдикат никогаш не сме штрајкувале за поголема плата, сме штрајкувале секогаш за да имаме закон, да имаме нормални документи за авијација, нормална селекција на кандидати за контролори за летање… во суштина сме се бореле за сето она за кое требало директорите да се борат, а ние како синдикат да викаме – не сакаме такви правила, не сакаме ред, сакаме поголема слобода и слично. Е кај нас е обратно, ние бараме ред, директорите – неред.“, истакнува Александар Тасевски, претседател на сидникатот.