Што треба да направиме и како да се заштитиме од удар на гром доколку сме дома или пак на отворено?

Изминатиов период имавме невреме во повеќе региони во Македонија, а при грмотевици важно е да знаеме како да се заштитиме од удар на гром.  Постојат повеќе препораки од експертите кои треба да се почитуваат со цел луѓето да не бидат доведени во ризик. Проф. д-р Владо Спиридонов од ПМФ при УКИМ и проф. д-р Млаѓен Ќуриќ, од Институтот за метеорологија во Белград, објаснуваат дека најдобра заштита од молњи и громови овозможуваат објектите кои се опремени со громобранска инсталација-громобрани. Велат дека громобранот на објектот преставува негова највисока точка и има поголема шанса да биде погоден отколку пониските делови на објектот. Кога молњата ќе го погоди громобранот, електрицитетот се спроведува низ изолираниот проводник во земјата.

„Познато е дека за време на грмотевични облаци и невремиња треба да се затворат сите отвори во куќата (прозори, врати) поради можноста воздушните струења-приземниот ветер надвор да донесат и топчест електрицитет. Треба да се исклучи телефонот и сите електрични уреди од ѕид, додека ТВ-уредите треба да се одвојат од антената. Треба да се избегнува било каков контакт со вода во надворешни услови, на поле, ливада, покрај куќа, на море бидејќи водата е одличен проводник на електрицитет. Автомобилите и другите возила, можат да пружат заштита од молњи, и покрај фактот дека се забележани случаи на разорување (палење или експлозија) како резултат на удар од гром. Исто така треба да се избегнува работа надвор, во градина, поле, шума и користење запрежни возила-трактори, култиватори и слични уреди, посебно во долови и покрај река, поточе, слив и слично“, советуваат Спиридонов и Ќуриќ, кои оваа тема ја разработуваат во книгите “Introduction to Meteorology и “Fundamentals of Meteorology”. 

Професорите велат дека корисно правило е ако видите молња и после 30 секунди се слушне гром, веднаш да побарате засолниште, и најмалку 30 минути од последната молња која ќе ја видите и ќе го слушнете звукот на громот, да не излегувате од засолништето.

„Денес постојат современи мрежи детектори на молњи кои се обезбедени со соодветни програми кои алармираат за наидување на вакви грмотевични облаци. Тогаш се прекинуваат работните активности надвор, во двор, градина, поле, на терен, на разни градилишта, спортски активности, митинзи, собири и слично. Секој вод на струја кој се наоѓа над висината на рамењата ја зголемува опасноста од директен удар. Никогаш да не се стои во голема група луѓе, но треба да се раздвоите-за да во случај на гром има помала веројатност за поголеми ризици по многумина. Треба да се избегнуваат возвишени-испакнати места, посебно изолирани стебла и ивици на шуми. Ако сте затечени во шума побарајте заклон покрај помали стебла и грмушки“, додаваат професорите.

Велат дека во тек на грмотевично време, луѓето треба да избегнуваат да носат метални предмети и мобилни телефони.  Не треба да се стои во близина на струјни водови-бандери, далноводи, столбови од жичара. На отворен простор луѓето треба да ги  изберат најниските места каде нема вода, да клекнат и да се  наведнат напред ставајќи ги рацете околу колената за да телесната висина биде што помала или ако стојат на некоја изолирана подлога треба допирната површина со тлото да е што помала. Во оваа смисла добра е облека од материјал кој не спроведува струја.

Годинава во соседна Грција планинар загина од удар на гром, а туристка беше повредена во Сплит во Хрватска додека пливала.

Лани неколку луѓе беа повредени од удар на гром на Градиште во Охрид, а загина и 25 годишно момче од тетовското село Долно Палчиште. И претходните години се случувало овчари додека биле на планина со стадата да се здобијат со повреди од гром или да завршат фатално, што значи дека опасноста треба да се сфати сериозно.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons