Шест скијачи се изгубиле низ падините на Попова Шапка, ги пронашол вработен во Жичницата
Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска соопшти дека преку единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК била добиена пријава дека на Попова Шапка шестмина скијачи се изгубиле, не можеле да се ориентираат и побарале помош. Според информациите на ЦУК, скијачите со скии-лифт се качиле горе на скијачките патеки и кога се обиделе да се спуштат надолу паднало многу густа магла, а и поради снегот што бил нов и немало изгазена патека од други скијачи тие не можеле да се ориентираат за правецот за спуштање.
Како што наведува во соопштението ЦУК, согласно ситуацијата скијачите се јавиле за помош на 112. Од ЦУК веднаш биле известени СВР Тетово и раководителот на РЦУК Тетово.
„Во меѓувреме, вработен во Жичницата пронашол петмина од изгубените, а подоцна во 16:15 часот го пронашл и шестиот изгубен скијач. Прво сите биле згрижени во полициската станица на Попова Шапка, а потоа безбедно се вратиле во нивните домови“, соопштија од ЦУК.