Швајцарците ги отфрлија построгите правила за неутралноста на земјата
Швајцарците денеска одлучно го отфрлија предлогот за построго дефинирање на неутралноста на нивната земја, што би ја спречило Швајцарија да воведува економски санкции или да соработува со НАТО.
Според последните проценки на јавниот радиодифузер СРФ, повеќе од две третини од гласачите се изјасниле против предлогот, пренесе британската агенција Ројтерс.
Бидејќи не успеа да ја обезбеди потребната поддршка од мнозинството швајцарски кантонални изборни единици, иницијативата беше отфрлена.
Швајцарија денес одржа референдум за иницијатива со која се предлага во Уставот да се утврди порестриктивна верзија на нејзината неутралност.
Меѓународно признаена од крајот на Наполеоновите војни во 1815 година, швајцарската неутралност е загарантирана во федералниот устав од 1848 година. Сепак, начинот на кој владата ја спроведува не е прецизиран.
Швајцарската народна партија (СВП), десничарска националистичка партија, ја поддржа иницијативата. Според партијата, која се противи на имиграцијата и на поблиските врски со Европската Унија, традиционалната неутралност на Швајцарија беше нарушена кога земјата воведе санкции против Русија по почетокот на инвазијата врз Украина во февруари 2022 година.
Плакати со натписот „Не за војна. Да за швајцарската неутралност“, покрај гулаб на мирот што носи маслиново гранче, беа поставени низ целата земја пред гласањето.
Анкетите пред референдумот укажуваа дека гласачите се подготвени да ја отфрлат иницијативата.
Иницијативата за неутралност, која ја поддржа Швајцарската народна партија (СВП), предлагаше Швајцарија да не може да се приклучи кон ниту еден воен или одбранбен сојуз, ниту да соработува со кој било таков сојуз. Таквата соработка би била можна само во случај на воен напад врз Швајцарија или во подготовка за таков напад.
Иницијативата, исто така, предвидуваше дека Швајцарија не може да воведува санкции против држава која е во војна, а која е под санкции на Обединетите нации.
Кампањата „за“ наведуваше дека швајцарската неутралност добро ѝ служела на земјата во минатото, заштитувајќи ја за време на двете светски војни, и дека исто така му помогнала на Берн да понуди помош во олеснувањето на мировните преговори во конфликтите.
Освен СВП, повеќето политички партии и швајцарската влада се спротивставија на предлогот, оценувајќи дека тој би ја поткопал националната безбедност и би ја спречил Швајцарија да спроведува обуки со НАТО.



