Швајцарија ќе си ја преиспитува неутралноста на референдум
Швајцарија воено не се вмешува во меѓународните конфликти, а оваа неутралност е загарантирана дури и со нејзиниот Устав. Но, за некои пратеници тоа не е доволно.
Во „Ле Дерби“, мал аголен локал во Женева, четворица мажи пијат пиво по завршувањето на работниот ден. Еден од нив, Бени, отвора тема што предизвикува жестоки расправи, пишуваТомас Вагнер за Тагесшау.
– Многу е важно да ја имаме оваа неутралност. Не како сега, кога Швајцарија зазеде страна поради Русија – вели тој.
Со тоа Бени допира до чувствително прашање: принципот на неутралност е вграден во швајцарскиот Устав. Сепак, по извесно двоумење, Швајцарија им се приклучи на економските санкции што западните земји ги воведоа против Русија по нејзиниот напад врз Украина. Според него, тоа не било добра одлука.
Скептична е и Хајди, случајна минувачка во близина.
– Принципот на неутралност кај нас е добра работа. Во иднина треба строго да се придржуваме до нашата неутралност – вели таа.
Поради војната во Украина, дури и во формално неутралната Швајцарија се води расправа за засилување на вооружувањето.
Референдум на 27 септември
На 27 септември Швајцарците ќе гласаат на референдум за народната иницијатива со која се предлага во Уставот попрецизно и построго да се дефинира неутралноста на земјата. Иницијаторите, кои собрале повеќе од 100.000 потписи, бараат неутралноста да биде прогласена за трајна и вооружена, а Швајцарија да не членува во воени сојузи, да не учествува во конфликти меѓу други држави и да не воведува санкции против завојувани земји, освен кога тие се одобрени од Обединетите нации. Доколку предлогот биде усвоен, Уставот ќе мора да биде изменет.



