Шарени фасади, богата историја и топла атмосфера: Oвој крајбрежен град е прогласен за најубав во светот
Шармантниот италијански крајбрежен град Камољи е прогласен за најубав во светот. Ова симпатично гратче, кое се наоѓа на околу 30 километри од Џенова во северозападна Италија, го освои првото место на листата на најубави крајбрежни градови во светот според „Архитекчурал дајџест“ (Architectural Digest).
Градот ги победи другите конкуренти како што се Кејптаун, Рио де Жанеиро и Хонг Конг и беше именуван за една од дестинациите што ги покануваат патниците да го „откријат нeговиот уникатен, легендарен шарм“.
Еден од најфотографираните италијански градови
Сместен на лигурската ривиера, Камољи ужива во просечна температура од 27 степени во текот на летните месеци. Препознаен е како еден од најфотографираните италијански градови благодарение на својот живописен пејзаж, додека пристаништето е преполно со ресторани и продавници. Секоја година на почетокот на мај се одржува Фестивалот на рибата во чест на локалните рибни производи.
Фестивалот за првпат се одржа во 1952 година, а главната атракција е тава со дијаметар од четири метри во која се подготвуваат три тони свежа риба за еден ден.

Идеално место за уживање во зајдисонцето
Камољи е исто така едно од најдобрите места во Лигурија за гледање на зајдисонцето, додека кривулестото крајбрежје гледа кон хоризонтот. Неговата локација овозможува да се стигне со воз од Џенова за само 20 минути, што го прави совршен и за еднодневен излет и за подолг престој. Градот се гордее со богата поморска историја како рибарски и трговски центар што датира од античко време.
„Град на илјада бели едра“
Името на градот буквално се преведува како „куќа на жени“, што се однесува на историјата во која мажите од Камољи поминале векови на море, додека жените останувале во градот.
До крајот на 19 век, градот имал многу бродови во својата флота, што му го донело прекарот „град на илјада бели едра“. Денес, Камољи е познат по своите пастелни куќи густо населени покрај пристаништето, украсени со традиционалната техника маркапијано.

Зад шарените фасади на Камољи лежи необична приказна
Овие живописни разнобојни фасади може да се видат и фотографираат од блиската патека Сан Роко во регионалниот парк Портофино, а често се појавува и на разгледници и брошури.
Маркапијано е декоративна техника што се користела за обележување на различните катови на зградите и жителите што живееле во нив, како и за додавање личност на предметите. Сепак, не е сè како што изгледа во Камољи.
Од 17 век, елементи како што се прозорци, врати, балкони или саксии со цвеќе се насликани на куќите. Овие илузии додаваат чувство на убавина и раскош без потреба од скапи материјали како мермер. Декорацијата служела и за разликување на станарите во зградата: скромно семејство кое живеело на еден кат имало минимална надворешна декорација, додека катот во сопственост на богат сопственик бил раскошно декориран за да се покаже негоиот статус.
Исто така, постоеле и практични причини за овој вид декорација. Како рибари и морнари, жителите на Камољи ги користеле овие светли бои за да ги идентификуваат своите домови и села од морето. Различни бои се користеле за означување на селата, додека индивидуалните куќи служеле како обележја и помагала за мапирање на рутите.

Град што вреди да се посети
Камољи не е само визуелно шармантен, туку во себе носи и приказна за животот на луѓето кои со векови зависеле од морето. Неговите шарени фасади, богатата историја и топлата атмосфера го прават неодолива дестинација за сите оние кои бараат автентично италијанско искуство покрај брегот. Посетата на Камољи значи влегување во свет каде што традицијата и убавината се испреплетуваат на секој чекор.