Актуелно

„Црн петок“ за маркетите – граѓаните најавуваат бојкот поради високите цени 

Граѓаните ќе им покажат „црвен картон“ на маркетите. Во 2023 година големите ланци маркети пријавиле профит од 1,4 милиони до 10,3 милиони евра. Маржите кај некои ланци маркети е 37 отсто а кај неколку меѓу 12 и 15 отсто. Во петок ќе се бојкотира и во Србија, Хрватска, Словенија и Црна Гора.

СКОПЈЕ – Се погласни се повиците на социјалните мрежи за бојкотирање на маркетот во петок како знак на револт поради нивното самоволие кое резултира со високи цени на продуктите неопходни за секојдневието на граѓаните. Граѓаните се подготвуваат да им покажат „црвен картон“ на ланците големи маркети а поддршка за бојкотот доаѓа од речиси сите страни – невладини организации, Синдикатот, политички партии па дури и државните институции, иако поради бојкотот ќе има намален прилив на средства од данок во Буџетот тој ден.

„Попусто попусти“ е иницијативата која се шири на социјалните мрежи која засега нема официјален организатор.

Мнозинството граѓани ја поддржуваат иницијативата и велат дека ќе бојкотираат во петок.

„Да. Во петок ќе бојкотирам. Секогаш кога ќе има бојкот јас ќе учествувам. Ова веќе не се издржува ниту финансиски ниту психички. Одам по маркети и барам акции за да купам најосновното за да можам да го истуркам месецот“, вели Соња Марковска.

Дел пак велат дека можеби ќе бојкотираат бидејќи сметаат дека тоа нема да даде резултат. Велат дека се потребни закони, регулативи и мерки.

„ Искрено не знам. Ако нешто ми затреба итно секако дека ќе одам да купам. Мислам дека бојкотот нема може да даде резултати. Потребни се закони, мерки и контроли. Владата треба да не штити од трговците а не самите да се организираме“, изјави Бојан Велковски.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) како и Организацијата на потрошувачи (ОПМ) за поддржуваат иницијативата за бојкот. Тие се на став дека трговците лажно се прикажаа како општество одговорни и ги повикаа граѓаните да не се изложуваат на непотребни трошоци во четврток или сабота и предупредија дека анализите покажуваат оти во нашата држава се фрла огромно количество на храна што значи дека не се купува плански.

„Пораката ќе биде сериозно пратена доколку се воздржиме од дополнително изложување на трошоци, ако потрошиме во четврток и сабота потрошиме двојно или тројно повеќе, а трговците ќе тријат раце. Сега е моментот кога треба да се придружат и никој никого не треба да кани“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Денес се огласи и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши кој даде поддршка за бојкотот иако тој во изминатиот период имаше редовни средби со трговците и ја истакнуваше нивната општествена одговорност и „џентлменскиот гест“ со т.н. „новогодишна кошничка“.

„Министерството за економија и труд, иако не е поврзано со организирање иницијативи за бојкот на пазарите, ги поддржува граѓаните во нивниот бојкот. Тоа е нивно граѓанско право и граѓаните, односно потрошувачите имаат право сами да одлучат како и каде ги трошат своите пари.

Ги поддржуваме граѓаните во бојкотот, особено на пазарите кои во последниве години неверојатно ги зголемија цените на производите без никаква економска логика“, напиша Дурмиши на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера кажа дека го поддржува бојкотот а денес најави контроли во маркетите. Ова ќе биде втор пат за еден месец пазарните инспектори да излегуваат во организирана контрола откако за време на т.н. „ новогодишна кошничка“ ланците маркети ги изиграа граѓаните и Владата и ги поскапеа сите производи кои не беа во кошничката.

„ Договоривме чекори кои ќе се случат, почнувајќи од денеска. На вчерашната прес-конференција од ваши колеги беа потенцирани два ланци маркети кои можеби прават одредени изигрувања на законите и процедурите. Денеска тие ќе подлежат на ригорозна контрола и во деновите што следат. Според информациите со кои располагаме, имаме отприлика околу 20 000 коминтенти по ланец супермаркети и ќе треба длабоко да се навлезе за да видиме дали постојат вакви индиции. Но, истовремено и други трговски објекти ќе подлежат на ваков тип контроли зашто стандардот на граѓаните е наш приоритет и ние ќе сториме се како Влада за да го заштитиме“, изјави Мицкоски.

Премиерот не кажа дали Владата, министерството за економија или било која надлежна државна институција подготвува конкретни законски мерки или решенија со кои би се ставило крај на самоволието на големите трговци.

Според завршните даночни пријави поднесени до УЈП во 2023 година профитот на големите ланци маркети се движи од 1,4 милиони евра на „Тинекс“ до 10,3 милиони евра на „Веропулос“. Кога станува збор за маржите на големите ланци маркети, односно разликата меѓу набавната и продажната цена, постои огромна разлика и кај некои од нив изнесува и 37 отсто а кај неколку меѓу 12 и 15 отсто.

Во петок најави за бојкот на маркетите има и во повеќето држави од регионот – Србија, Хрватска, Словенија и Црна Гора.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons