Свет

Цените на златото достигнаа највисоко ниво во историјата

Цените на златото се задржаа вчера во близина на 3.000 долари за унца, со засилено купување од централните банки и загриженост на инвеститорите за светскиот економски раст по најавите за нови американски царини.

На физичкиот пазар унцата злато околу пладне чинеше 2.943 долари и беше поскапа за 0,3 отсто од претходниот ден. Накратко достигна ново највисоко ниво откако со злато се тргува на берзите, од 2.946 долари, и тоа деветти пат од почетокот на годината.

На американскиот пазар со златото во терминските договори се тргуваше по 0,4 отсто повисока цена, од 2.961 долар. Златото лани според пресметките на здружението на рударски компании ВГЦ поскапи повеќе од 28 отсто поради силната побарувачка од централните банки и инвеститорите во периодот на засилени геополитички тензии.

Централните банки ги полнеа резервите и во 2024, засилувајќи го темпото на купување во октомври, а трендот продолжува и во 2025, проценуваат во ВГЦ.

Инвестициската побарувачка ја поттикнаа, пак, геополитичките ризици и острите колебања на бројни регионални финансиски пазари, објаснуваат тие, додавајќи дека инвеститорите во третото тримесечје повторно почнаа со купувања бидејќи централните банки почнаа да ги намалуваат клучните каматни стапки.

На почетокот на оваа година нервоза предизвикаа и изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за царините. Трамп во вторникот кажа дека планира да воведе царини од околу 25 отсто за автомобилите, а слични царински стапки подготвува и за увозот на полупроводници и фармацевтски производи.

Трговците стравуваат дека царините би можеле да означат вовед во трговска војна и да ѝ наштетат на светската економија.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons