ВИДЕО: Вучиќ вели дека го чека „тешка, најдолга ноќ“ 

Српскиот претседател Александар Вучиќ се огласи преку националниот сервис РТС, по седницата на Советот за национална безбедност одржана во врска со ситуацијата на Косово. 

Тој вели дека анализирале сѐ што се случува на Косово, како и меѓународниот аспект, ситуацијата на теренот, и ги повика Србите на Косово и Албанците да го зачуваат мирот. Вучиќ повика да не се напаѓаат припадниците на КФОР и ЕУЛЕКС, Србите „да му веруваат на КФОР“, како и да се ослободат Србите уапсени од косовските власти. 

„Презедовме соодветни мерки да ја заштитиме нашата татковина, во насока на тоа ги дадов најважните наредби и Советот за национална безбедност ги прифати и морам да кажам дека сме многу горди на нашите војници и полицајци“, рече Вучиќ. 

Тој уште еднаш ги нападна претставниците на меѓународната заедница, за кои рече дека „се прават дека не гледаат што се случува“.

„Станува збор за обид да се стави крај на српскиот проблем на Косово и Метохија, во кој учествуваат Албин Курти и властите во Приштина и добар дел од меѓународната заедница, која се прави дека не гледа што се случува”, рече Вучиќ.

„Денеска бев шокиран од изјавите на одредени функционери дека барикадите се страшни. Прво никој од Белград не нареди барикади, не ја напаѓајте Србија“, рече Вучиќ и додаде дека барикадите на косовските Срби се „израз на протест против апсењето луѓе, тепањето луѓе, малтретирањето на луѓето и неисполнувањето на Бриселскиот договор”.

„Она што е важно за нас е да ги повикаме и Албанците и Србите да го зачуваат мирот и да се смири ситуацијата“, рече Вучиќ и ги повика Србите на север да бидат мирни и да не наседнуваат на провокации.

Што се однесува до наводите за нападот на ЕУЛЕКС, тој вели дека „наша должност е да повикаме на мир и да побараме никој случајно да не ги напаѓа припадниците на КФОР и ЕУЛЕКС“.

„Србите мора да му веруваат на КФОР додека не се докаже спротивното, ние не одиме против КФОР или ЕУЛЕКС, само сакаме да го спасиме нашиот народ“, рече српскиот претседател, додавајќи дека овој ден е најтешкиот откако за него откако е на чело на државата, како и дека го чека „тешка, веројатно и најдолга ноќ“. 

„Се надевам и имаме гаранции од КФОР и Европа дека тие нема да преземат насилни дејствија против демонстрантите и се надевам дека ќе биде така, ќе сториме се за да ги зачуваме мирот и стабилноста, рече српскиот претседател.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons