Хуманитарците се спремни да испорачаат повеќе помош во Газа, ги плашат логистичките тешкотии
По постигнатиот договор меѓу Израел и Хамас хуманитарните организации се подготвуваат да достават повеќе помош во Појасот Газа, опустошена територија каде што, според Обединетите нации, во некои делови владее глад.
Организациите се „спремни, изјавија за Франс прес претставници на Светската програма за храна (ВФП), Лекари без граници (МСФ) и Норвешкиот совет за бегалци (НРЦ), додека се подготвуваат за масовно проширување на операциите.
Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања, исто така, објави дека има зелено светло од Израел за достава на 170.000 тони помош и дека има план за хуманитарен одговор за првите 60 дена од прекинот на огнот.
„Но, постои итност во врска со најосновните потреби во Газа – медицинска опрема, лекови, храна, вода, гориво, соодветно засолниште за двата милиони луѓе кои се соочуваат со зима без покрив над главата“, кажа Џејкоб Гренџер од Лекари без граници.
По две години војна, инфраструктурата, особено важната мрежа за дистрибуција на вода, е во голема мера уништена во Појасот Газа.
Според ОН, со месеци пристигнува недоволна помош и покрај неодамнешното олеснување на строгата хуманитарна блокада наметната од Израел во март.
На 22 август ОН прогласи глад во Газа, што е првпат глад да го погоди Блискиот Исток, бидејќи експертите на светската организација предупредија дека 500.000 луѓе се во „катастрофална“ состојба.
Штом беше објавено примирјето во четврток, жителите на Газа изјавија за Франс прес дека со нетрпение очекуваат да видат како помошта пристигнува на територијата, како што е предвидено во договорот.
Мировниот план на претседателот Доналд Трамп предвидува целосна помош веднаш да биде испратена во Појасот Газа, веднаш по стапувањето во сила на договорот, без мешање од двете страни.
Неколку хуманитарни извори се довериле на Фанс прес дека се оптимисти во врска со спроведувањето на планот, но изразиле загриженост за модалитетите на спроведување на планот, за кои Израел сè уште не дал никакви официјални информации.
Тие кажаа дека сега имаат тешкотии со прашањата за пристапот.