МакедонијаНајново

Хируршките клиники во Скопје ќе работат редовно и во услови кога половина град ќе нема вода 

По најавата од скопски „Водовод“ за прекин во водоснабдувањето од вечер во поголем дел од градот, од ТОАРИЛУЦ и Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ за МИА информираат дека најитните интервенции утре ќе се реализираат непречено.

Директорката на ТОАРИЛУЦ, Марија Срцева во изјава за МИА рече дека во соработка со Службата за општи и заеднички работи при клиниките, во тек се подготвителни активности за непречено функционирање на клиниката ТОАРИЛУЦ, во однос на состојбата при прекинот на снабдувањето со вода.

„Најитните интервенции ќе се реализираат непречено. ТОАРИЛУЦ веќе направи план и организираше зголемен број медицински тимови кои ќе бидат ангажирани за време за викендов. Ги преземаме сите мерки за да продолжи континуитетот во работата, без притоа да има поголем застој во функционирањето“, појасни Срцева за МИА.

Директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, Небојша Настов утре не очекува проблеми во работата на оваа клиника.

„Не очекуваме проблеми, ќе работиме со итни пациенти како и секој викенд. Работното време кај нас е 24/7“, изјави Настов за МИА.

МИА се обиде да стапи во контакт и со директорот на ГОБ „8 Септември“, со цел да прашаме дали пациентите треба да бидат информирани за некои измени. До објавување на овој текст, тој не одговори на нашите повици и пораки.

Според најавата, прекинот во водоснабдувањето ќе биде вечер по 22 часот, а ќе трае сѐ до санирање на дефектот. Без вода се очекува да бидат голем дел од скопските општини, освен Чаир, Бутел, Радишани, „Пластичарска“ до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда – висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско Поле, Новоселски Пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански Двор, Волково и Орман.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons