МакедонијаНајново

(ФОТО) Ова се новите црвено-жолти таблички за службените возила

Процедурата за имплементација на црвено-жолти регистарски таблички на службените возила очекувам дека целосно ќе биде завршена за два до три месеци – одговори директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, на прашањето зошто се оддолжува воведувањето на регистарски таблички во специфична боја како мерка за ограничување на злоупотреба на службените возила.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Томовски повтори дека покрај нови таблички, Владата планира да отвори телефонски број и емаил-адреса на кои граѓаните ќе може да пријавуваат злоупотреба на возилата. Прашан дали ќе има санкции доколку се утврди злоупотреба, имајќи предвид дека сегашниот Етички кодекс не предвидува такво нешто, Томовски одговори дека разговарал со министерот за внатрешни работи за да видат дали и како може тоа да се регулира законски.

„Разговаравме и со министерот Панче Тошковски за да се смисли нешто како тоа ќе се регулира законски, да може некакво санкционирање да има за таа злоупотреба, но првенствено она што сакаме да го постигнеме е да подлежи (функционерот, н.з.) на јавна критика. Јас сум убеден дека ниту еден функционер, ниту еден човек кој што води одредена институција не би сакал да биде критикуван во јавноста и би се чувствувал непријатно“,

рече Томовски.

Во однос на тоа зошто се доцни со имплементацијата, првиот човек на СОЗР вели дека правилникот е потпишан од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и е предаден во Секретаријатот за законодавство, од каде се чека да се произнесат со мислење. 

„Доколку има некаква забелешка, очекувам дека тоа брзо ќе оди и после тоа некој период останува да се направи јавна набавка. Како што кажавте вие, таблиците ќе бидат црвено-жолти. По тендерската процедура, ќе дадеме задолжување со заклучок на Влада до сите институции во државата со временски период од триесет дена да ги променат таблиците“,

изјави Томовски.

Директорот на СОЗР очекува дека сите процедури ќе завршат во рок од два до три месеци, но не сака да дава прецизни рокови бидејќи и претходно кажал рок, но целата процедура се оддолжила.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons