УЈП ја објави новата „црна листа“: Над 5.000 должници должат речиси 13 милијарди денари
Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави најновата листа на даночни должници, на која се наоѓаат вкупно 5.058 физички и правни лица со неплатени обврски кон државата. Станува збор за листата бр. 06/2026, која ги опфаќа долговите доспеани за наплата заклучно со 28 февруари 2026 година, а кои не биле подмирени до 31 мај годинава.
Според податоците на УЈП, на листата се евидентирани 1.941 компанија и други правни лица, како и 3.117 физички лица. Во споредба со претходното објавување, бројот на правни лица е намален за 13, додека бројот на физички лица е зголемен за 53.
Вкупниот нето-долг на сите должници достигнува речиси 12,9 милијарди денари. Најголемиот дел од сумата се однесува на неплатени даноци и придонеси, а остатокот на царински давачки.
На листата се најдоа физички лица и самостојни вршители на дејност со долг над 120.000 денари, како и правни лица со обврски повисоки од 300.000 денари.
Објавените долгови опфаќаат различни видови јавни давачки, меѓу кои данок на додадена вредност (ДДВ), данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси за задолжително социјално осигурување, како и акцизни и царински обврски.
Од УЈП информираат дека листата е јавно достапна и може да се провери преку официјалните канали на институцијата.



