УЈП со предупредување: Илјадници обврзници не ги поднеле или не го платиле ДДВ-от
Управата за јавни приходи (УЈП) ја информира јавноста дека заклучно со 25 јули 2025 година евидентирана е загрижувачка состојба во однос на исполнувањето на обврските за данок на додадена вредност (ДДВ). Според последните податоци, 142 месечни и 2.134 тримесечни обврзници не поднеле ДДВ-пријава, додека кај 1.326 месечни и 7.748 тримесечни обврзници е пријавен, но сè уште неплатен ДДВ-долг.
„Непочитувањето на законскиот рок е сериозен прекршок. Сите обврзници кои не поднеле ДДВ-пријава и/или не го платиле ДДВ-долгот се повикуваат итно да постапат согласно законските прописи. Даночната дисциплина не е избор, туку законска обврска и одговорност на секој граѓанин и компанија — темел за функционална држава,“ изјави директорката на УЈП, м-р Елена Петрова.
Од УЈП информираат дека веќе се доставени персонализирани известувања до сите даночни обврзници со пријавен, а ненаплатен долг за соодветниот период. Истовремено, преку интензивна комуникација со обврзниците и со сметководителите, се преземаат активности за да се избегнат блокади на сметки и дополнителни трошоци поради присилна наплата.
„Секој ден на задоцнување носи камата од 0,03% на преостанатиот долг. По испраќањето на опомените, ќе се пристапи кон присилна наплата кај сите што нема да постапат доброволно,“ предупредуваат од УЈП.
Граѓаните и компаниите за помош и информации можат да се обратат преку е-пошта на info@ujp.gov.mk, или на телефоните 0800 33 000 (од фиксен) и 02 3253 200 (од мобилен).